2018-02-01 15:51:00

Пастирите треба да ја имаат Исусовата нежност и близина


Кога Исус лекува, тогаш тоа го прави спонтано: не договара термини со болните, туку делува без одложување – истакна папата Фрањо на проповедта за време на светата Миса во вторник 31 јануари 2018 година во капелата на домот Света Марта. За појдовна точка на неговото размислување Светиот Отец го зеде делот од Евангелието според Марко (5,21-43), кој донесува две Исусови чуда: оздравување на жената која дванаесет години крвоточела и воскреснувањето на Јаировата ќерка. Станува збор за два настана за кои не треба подлабоко да се размислува, туку многу повеќе треба да се набљудуваат – напомена Папата и додаде: Тие настани покажуваат како изгледал еден ден во животот на Исус. Тие претставуват пример за животот на пастирите, како за бискупите, така и за свештениците.

Евангелистот Марко знае да донесува настани во кои набљудуваме како Исус е на пат или на брегот од езерото, опкружен со мноштво луѓе, а Исус е прикажан како оној кој се грижи за народот, така како што вети Бог, односно дека ќе биде меѓу луѓето. Исус не отвора канцеларија за советување со натпис: „Пророкот работи со странки во понеделник, среда и петок од три до шест попладне. Влезницата е толку и толку или ако сакаш можеш да дадеш некој прилог.... “ Не Исус не прави така. Тој не отвора лекарска ординација со натпис: Болните можат да дојдат во тие и тие денови и ќе бидат излекувани“. Не, Исус влегува среде народот – рече Папата.

Светиот Отец напомена дека токму тоа треба да го прават и денешните пастири. Тоа е примерот за пастирите кои ни ги дава Исус. Папата потоа раскажа едена приказна за еден свет свештеник, кој на тој начин го придружувал својот народ и од таа причина навечер бил многу уморен. Тоа не е замислен, туку вистински умор на оној кој работи и е среде народот – објасни Папата.

Денешното Евангелите спомнува дека мноштво народ одеше по Исус и дека го притискаше, така што некои го допираа. Во овој дел од Евангелието Марко пет пати го користи зборот „допира“ – рече Папата и додаде дека и денес народот истото го прави за време на пасторалните патувања за да ја „зграби милоста“. Исус никогаш не се повлекува од таа близина, туку и плаќа за своите добри дела со „посрамување и потсмевање“. Тоа е начинот на кој постапува Исус и така го покажува ставот на вистинскиот пастир – рече Папата.

Пастирот на денот на своето ракополагање се помазува со елеј, но вистински елеј, оној внатрешен, елеј на близина и нежност – истакна Светиот Отец. Ако пастирот не знае да се приближи на другиот, на народот, тогаш нешто му недостасува. Тој може да биде некој вид шеф на полето, но не е пастир. Пастирот на кој му недостасува нежност ќе биде строг и ќе ги удара овците. Тука пак ја согледуваме близината и нежноста. Таков бил Исус.

А кога пастирот, како Исус, ќе го заврши својот ден уморен, уморен од што правел добор и ако тоа е негов став, народот ќе го почувствува живиот Бог – рече Папата и поттикна на молитва.

Денес за време на светата Миса може да молиме за нашите пастири како Господ би им ја дал таа мислост да одат напред заедно со народот, да бидат присутни меѓу народот со таква нежност и близина. А кога народот ќе го пронајде својот пастир, тогаш чувствува нешто посебно, кое што се чувствува само во Божјата близина. Денешното Евангелие завршува на следниот начин: „И сите се зачудија многу.“ Тоа е чудењето на оние кој во пастирите чувствуваат близина и Божја нежност – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.