2017-12-05 10:11:00

На враќање од Бангладеш Папата одржа прес конференција во авионот


Кога ќе се сретнам со народот го сметам патувањето за успешно – со тие зборови папата Фрањо ја заврши конференцијата за новинарите, одржана во авионот на летот од Бангладеш до Рим. Конференцијата започна половина час по полетувањето од аеродромот во Дака, а за време на 58 минути поминати со новинарите, Папата меѓу другото зборуваше за хуманитарната драма за етничката група Рохинџа, за нуклеарното разоружување како и можноста за патување во Кина, кое сѐ уште е далечно, но сепак посакувано.

Патувањата ми прават добро, посебно кога ќе успеам да се сретнам со народот во земјата која ја посетувам, со Божјиот народ. Кога ќе успеам да разговарам со него, да ги поздравам... Токму народот е длабочината на земјата. Кога ќе успеам во тоа, тогаш сум среќен – рече Светиот Отец.

И покрај директниот поттик од Папата да му поставуваат прашања во врска со патувањето, првото прашање веднаш допре чувствителна тема, која во последно време е во центар на интересот на светските медиуми, а која се однесува на драмата на народот Рохинџа, најпрогонуваната етничка група во светот. Новинарите сакаа да знаат како дојде до оној неочекуван момент кога Папата, во петокот прегрна група бегалци од тој народ пред очите на целиот свет. Тоа беше хуман гест направен после неколку седмици исполнети со многу дебатирање за тоа зошто Папата одлучи да не го изговори името на тој народ во своите официјални говори во Мјанмар и Бангладеш.

За да би можел да одговори на прашањето папата Фрањо даде пример со адолесцент, на кој може да му се каже што се мисли, но кога тој ќе ја тресна вратата пред лицето на другиот, пораката не стигнува до него. А јас сакам мојата порака да допре. Поради тоа, во официјалните говори ако го кажав тој збор, би ја затворил врата пред лице. Но ја опишав ситуацијата, правата дека никој не смее да биде исклучен, државјанството – како би си овозможил во приватните разговори да одам и понатаму – напомена Папата и додаде: Многу сум задоволен од разговорите кои ги имав, да кажеме, дека не ја треснав вратата во лице пред другите и тоа јавно, туку имав задоволство да дијалогизирам, да дозволам и другите да кажат нешто и да го кажам она што јас го мислам и на тој начин пораката допре – истакна Папата.

Потоа Светиот Отец ги опиша моментите после Меѓурелигиската средба во Дака. Тој истакна дека плачел заедно со претставниците на народот Рохинџа и дека се налутил и на оние кои се обиделе пребрзо да ги однесат од бината и побара да ги почитуваат. Папата истакна дека идејата за завршната молитва, кога сите на бината се собраа во полукруг, го опиша како најсилен призор од ова патување, идеја која е родена на улица и дека на тоа бил поттикнат од присуството на водачите на другите религии. Поттикнат со уште едно прашање Светиот Отец рече дека сакал да оди во кампот во кој живеат Рохинџите, но поради организациски проблеми тоа не било возможно.

На прашањето за Аунг Сан Су Ки, државна советничка и министерка за надворешни работи, добитничка на Нобелова награда поради борбата за демократизација на Мјанмар, поранешна Бурма, држава која денес е во центарот на контроверзните мислења, Папата рече дека е тешко да се процени што е најдобро да се направи за таа земјата, бидејќи Мјанмар се наоѓа во политички развој. Тоа е земја во транзиција која има многу културни вредности од минатото, но политички е во транзиција. Поради тоа сите можности треба да се проценуваат и од тој поглед – напомена Папата.

Потоа се направи премин на тема за нуклеарното наоружување. Така на прашање од еден новинар, што денес е сменето во однос на времето од Иван Павле II кој 1982 година рече дека нуклеарната опција морално е неприфатлива, папата Фрањо истакна дека денес сме на работ на легитимноста за поседување и употреба на нуклеарното оружје, и тоа затоа што нуклеарното оружје е развиено, стана софистицирано и свирепо и способно да уништи луѓе, не погодувајќи структури.

Новинарите се интересираа и за размислувањето на Папата во однос на евангелизацијата, која во некои средини може да создаде проблеми. Светиот Отец цитирајќи ги зборовите на папата Бенедикт XVI, повторно истакна дека Црквата не расте преку прозелитизам, туку привлекувајќи. Што се однесува пак до апостолските патувања, посебно оние кои биле предвидени, но потоа се одложени, како тоа за Индија, папата Фрањо ја истакна големината на тој потконтинент, за кој е потребно посебно патување, а засега во тој правец постои само нешто повеќе од идеја.

Не се подготвува патување во Кина. Би сакал да се случи, тоа не е тајна. Разговорите со Кина се на високо културно ниво.... а тука е и политичкиот дијалог, посебно што се однесува за Црквата во Кина, со прашањето за патриотската Црква и подземната Црква; треба да се оди чекор понапред, внимателно, како и што се работи... со трпение. Но, вратата на срцата се отворени – рече Папата.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.