2017-05-23 12:19:00

Отворете го срцето за Господ и наслушнувајте го Светиот Дух


Само Светиот Дух нѐ учи да кажеме: „Исус е Господ“ – рече папата Фрањо за време на светата Литургија на 22 мај 2017 година во капелата на домот Света Марта.

Светиот Отец нагласи дека треба своето срце да го отвориме за Господ, како во себе би го слушнале Светиот Дух и така би можеле да сведочиме за Исус Христос.

Нема да ве оставам сираци, ќе ви испратам друг Бранител, Светиот Дух кој ќе се застапува за вас кај Отецот. Папата Фрањо ја разви својата проповед од подолгиот Исусов говор на Последната вечера, кога се простува од своите ученици. На посебен начин го нагласи Светиот Дух како „бранител“, кој ќе нѐ придружува и ќе ни дава сигурност дека сме спасени преку Исус – рече Папата.

Имено, само Светиот Дух нѐ учи да кажеме: „Исус е Господ“; без Светиот Дух никој од нас не е во состојба да го каже тоа, да го почувствува, ниту пак да го живее. Исус на други места од својот долг говор, за него вели: Тој ќе ве упати во секоја вистина. Ќе ве потсетува на сето она што ви го кажав; за сѐ ќе ве поучува – рече Папата и продолжи: Тоа значи дека Светиот Дух го придружува секој христијанин на неговиот пат, но со тоа е и пратител на целата Црква. И тоа е дар кој ни го дава Исус – појасни Светиот Отец.

Светиот Дух е дар; голем дар од Исус; дар кој нѐ поучува да не грешиме. Но каде престојува Духот? – праша папата Фрањо. Во првото читање од Делата на светите апостоли го сретнуваме ликот на Лидија „продавачка на црвени ткаенини“, на која Господ и го отвори срцето, како би ги прифатила Словото Божјо. Господ и го отвори срцето за да влезе во неа Светиот Дух и да стане ученичка – рече Светиот Отец. Токму во своето срце го носиме Светиот Дух. Но во затворено срце Светиот Дух не може да влезе. „Но каде можат да се купат клучевите за отворање на срце?“ – праша иронично папата Фрањо и веднаш одговори: Не, и тоа е дар Божји. Господи, отвори го моето срце за да влезе во него Духот и да сфатам дека Исус е Господ – рече Папата.

Ова е молитвата која треба да ја молиме овие денови: Господи, отвори ми го срцето за да сфатам што направи за нас; како би се потсетил на твоите зборови; како би можел да ги исполнувам и да живеам според Твоето Слово; како би стигнал до полнина на вистината. Отворено срце, значи да влезе Духот и да го наслушнуваме – повтори накратко папата Фрањо.

Сега ќе ви поставам само две прашања, кои можат да се изведат од денешните читања: Прво: дали молам од Господ милост за да имам отворено срце: Второ: Дали настојувам да го наслушнувам Светиот Дух; неговите вдахнувања; она што ми го говори во моето срце, како би напредувал во христијанскиот живот како и самиот би можел да сведочам дека Исус е Господ?

Денес размислувајте на ове две работи: на отвореноста на сопственото срце и настојувам ли да го слушнам Светиот Дух, она за што ми зборува. Така малку по малку ќе напредуваме во христијанскиот живот и ќе сведочиме за Исус Христос – поттикна Папата на крајот од својата проповед

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.