2017-05-05 14:30:00

Грег Бурке за посетата на Папата во Фатима


„Со Марија, поклоничка на верата и мирот" гласи мотото на Апостолска посета на папата Фрањо во богородичното светилиште во Фатима, точно еден век по објавите на Богороица на трите пастирчиња. Светиот Отец, ќе го посети градот Фатима педесет години по патувањето на Павле VI, првиот Папа, кој го посетил португалското светилиште, и по трите посети на свети Иван Павле II (1982, 1991 и 2000) и на Папата Бенедикт XVI во 2010 година.

Според зборовите на ватиканскиот портпарол Грег Бурк, посетата на Папата е по покана на претседателот на Португалија и португалските епископи и во таа прилика Неговата Светост ќе ги канонизира Фрањо и Јацинта Марто, двете пастирчиња кои заедно со нивната братучетка Луција дос Сантос, биле сведоци на шесте објави на Богородица, во периодот од мај до октомври 1917 година.

Папата Фрањо ќе пристигне во Светилиштето на Пресвета Богородица од Фатима со хеликоптер на 12 мај попладне, директно од воената база Монте Реал, која се наоѓа на 40 километри од Фатима, каде ќе слета неговиот авион од Рим и каде ќе одржи приватна средба со португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза. Во Фатима, веднаш по посетата на капелата на објавите, ќе се задржи некое време на лична молитва, а потоа ќе го одржи првото од четирите обраќања, сите на португалски јазик. По вечерата, Светиот Отец ќе се врати во капелата за да ги благослови свеќите и ќе се моли Света Бројаница. Овој ден, 12 мај, Папата ќе го заврши со молитвено бдение во 22.00 часот во базиликата во Фатима, кое ќе биде предводено од државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин.

Утрото на 13 мај, папата Фрањо, по средбата со португалскиот премиер, ќе отслужи светата Литургија со канонизација на Фрањо Јацинта Марто, која ќе се одржи на плоштадот пред Богородично светилиште во Фатима, каде можат да присуствуваат околу 600 илјади луѓе. Потоа Папата ќе ги поздрави болните. После ручекот со португалските епископи, ќе следи церемонијата на испраќање, повторно во присуство на португалскиот претседател, на воената база Монте Реал, од каде авионот на Папата Фрањо ќе се врати во Рим.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.