2017-02-09 09:33:00

Папата: Надежта е извор на взаемна утеха и мир


Папата Фрањо на Генералната аудиенција на 8 февруари 2017 година говореше за христијанската надеж; за нејзиниот не само индивидуален, туку и колективен и црковен карактер. Никој сам не се учи да се надева; туку во заедница.

Драги браќа и сестри,

Минатата среда видовме како свети Павле во Првото послание до Солунјаните, ги охрабрува Солунјаните да останат вкорените во надежта за воскресение (5, 4-11). Во истиот контекст, апостолот покажува како христијанската надеж нема само личен, индивидуален, туку и колективен (карактер за заедницата), црковен карактер. Сите се надеваме; сите поединечно, имаме надеж, но ја имаме и заеднички.

Заради тоа, погледот на Павле се шири во сите реалности кои ја прават христијанската заедница (Црквата), барајќи (од заедницата) меѓусебно да се молат едни за други и меѓусебно да се поддржуваат. И не е случајно што започнува токму повикувајќи се на оние на кои им е доверена одговорноста и пастирското водство. Тие први се повикани да ја хранат надежта и тоа не заради тоа што се подобри од другите, туку со силата на божествената служба која добро ја надминува нивната сила. Толку повеќе, заради тој мотив имаат потреба од почитување и добронамерна поддршка од сите.

Акцентот потоа е ставен на браќата кои најмногу се во опасност да ја загубат надежта, или да паднат во очај. Секогаш слушаме за луѓето кои паѓаат во очај и започнуваат со лоши работи; не-надежта ги доведува до многу лоши работи... Се однесува на оние кои се обесхрабрени, на оние кои се слаби, на оние кои се чувствуваат скршени од тежината на животот и сопствените гревови и не можат да се исправат. Во тие случаи, близината и топлината на целата Црква мора да бидат уште поинтензивни и полни со љубов; и треба да попримат фин облик на сочувство; сочувство не е да имаш сомилост; сочувствувањето е да страдаш со другиот; да трпеш со него; да му се приближиш на оној кој страда; со еден збор милување... но кое доаѓа од срцето; тоа е сочувствување. Имаат потреба за охрабрување и утеха. Ова е уште и поважно: христијанската надеж во искрена и конкретна љубов не може да не успее. Апостолот на народите, во Посланието до Римјаните, со срцето во раката вели: „Ние силните“ – затоа што имаме вера и надеж и можеби немаме толку потешкотии – „должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите, и да не угодуваме на себе си“ (ред 15, 1) Да ги носиме слабостите на другите...

Оваа сведоштво потоа не останува затворено во границите на христијанските заедници: тоа одекнува со целата своја сила и надвор од неа, во општественото и граѓанското опкружување, како повик да не подигаме ѕидови, туку да (градиме) мостови; на злото да не возвраќаме со зло; злото да го надминеме со добро; христијанинот никогаш не може да каже: за ова ќе ми платиш! Тоа не е христијански! Навредата се надминува со прошка, да живееме во мир со сите. Тоа е Црква! Тоа е она што ја создава христијанската надеж, кога поприма силен (јасен), а воедно и нежен облик (ознака) на љубовта. Па, љубовта е и силна и нежна...

Разбирливо е, дека не се надеваме сами! Никој не се учи сам да се надева... Тоа не е можно. Надежта, за да се храни, неопходно има потреба од „телото“, во кое различните делови меѓусебно се поддржуваат и оживуваат. Тоа тогаш значи дека, ако се надеваме, тоа е затоа што многу од нашите браќа и сестри нè научиле да се надеваме и својата надеж да ја одржуваме жива. Меѓу нив се истакнуваат малите, сиромашните, едноставните и маргинализираните. Да, затоа што надежта не го познава оној кој се затвора во сопствената благосостојба, својата надеж ја поставува во благосостојбата; тоа не е надеж, туку сигурност и таа е релативна; не ја познава надежта која се доверува во своето задоволство; кој секогаш се чувствува „на место“... Се надеваат оние кои секојдневно се на искушение, во несигурности и кои ги запознаваат своите граници. Тие се оние наши браќа кои ни го даваат најубавото, најсилното сведоштво, затоа што остануваат цврсто со доверба во Господ, знаејќи дека – од онаа страна на тагата, угнетувањето и неизбежноста на смртта – последниот збор го има Он, а тоа ќе биде збор на милосрдие, живот и мир. Кој се надева, се надева дека еден ден ќе го слушне овој збор: Дојди, дојди кај Мене, брате! Дојди кај Мене сестро, за цела вечност...

Драги пријатели, ако – како што кажавме – природно престојувалиште на надежта е единствено солидарното „тело“, во случај на христијанска надеж, тоа тело е Црквата, додека здивот на животот и душата на оваа надеж е – Светиот Дух. Без Светиот Дух не е можно да се има надеж (христијанска)! Затоа апостол Павле на крајот нè поттикнува постојано да го повикуваме. Да се верува не е лесно, но да надевањето е уште потешко. Но, кога во нашите срца престојува Светиот Дух, Он е Тој Кој прави да сфатиме дека не треба да се плашиме; дека Господ е близу и се грижи за нас; и дека Он е Тој Кој ја обликува нашата заедница, во вечната Педесетница, како живи знаци на надежта за човечкото семејство. Благодарам...

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.