2017-01-28 12:13:00

Животите на мачениците и светците нѐ повикуваат на единство


Секаде каде што има насилство и конфликти, христијаните се повикани трпеливо да работат за повторно да се воспостави слога и надеж – порача папата Фрањо на членовите на Заедничката меѓународна комисија за теолошки дијалог помеѓу Католичката и Источните православни цркви на 27 јануари 2017 година.

Комисијата оваа недела се состанува во Ватикан, а освен претставниците на Католичката црква вклучува и претставници на шесте стари источни Цркви кои се одвоиле од остатокот на христијанскиот свет во средината на V век.

Папата рече дека многу од присутните припаѓаат на цркви кои секојдневно се сведоци на ширењето на насилството и суровоста која го врши фундаменталистичкиот екстремизам. „Свесни сме дека таквите ситуации на трагично страдање полесно се вкоренуваат во контекст на големо сиромаштво, неправда и општествено исклучување. Тоа е последица на нестабилноста која ја создаваат интересните групи или претходни конфликти кои довеле до културно и духовно уништување, што е олеснето со манипулација и поттикнувањето на луѓето на омраза,“ порача папата Фрањо и додаде дека христијаните се повикани да бидат во близина на оние кои страдаат за да сеат слога и трпеливо да работат за обнова на надежта, нудејќи утешителен мир кој доаѓа од Господ.

Светиот Отец ги повтори зборовите на свети Павле: „А кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи“ (1 Кор 12, 26), и додаде дека се придружува на молитвата на црковните поглавари за да се стави крај на конфликтот како и за Божјата близина за оние кои толку страдале, посебно децата, болните и старите луѓе. Папата рече дека посебно се сочувствува со оние епископи, свештеници, посветени лица и лаици кои се киднапирани, кои се држат во заложништво или се поробени.

Папата го истакна примерот на голем број маченици и светци кои понудиле храбро сведоштво за Христос. Тие ни го покажуваат срцето на нашата вера, која е Исус распнат и воскреснат – нашиот мир и нашето помирување. Како негови ученици повикани сме со христијанска цврстина насекаде да ја сведочиме неговата понизна љубов која ги помирува луѓето на секоја возраст. Освен тоа, Светиот Отец порача дека мачениците воедно ни го покажуваат патот кон полнотата на единството:

„Мачениците и светците од сите црковни традиции веќе се едно во Христос (Ив 17, 22); нивните имиња се запишани во една заедничка мартирологија на Божјата Црква. Жртвувајќи се на земјата од љубов, живеат во небесниот Ерусалим, собрани околу закланото Јагне (Откр 7, 13-17). Нивните животи кои ги понудиле како дар, нѐ повикуваат на заедништво, да одиме побрзо по патот кој води до полнотата на единството. Како што во раната Црква крвата на мачениците била семе за нови христијани, така и во нашето време крвта на толку маченици е семе за единство меѓу верниците, знак и оружје за иднина на заедништво и мир“, порача на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.