2017-01-24 09:34:00

Папата: Мафијата и тероризмот се израз на културата на смрт


Појавата на  мафијата, која треба да се спречи и да се сузбива е израз на културата на смртта која радикално се спротивставува на верата и Евангелието, рече Папата на членовите на италијанската Национална управа за борба против мафијата и тероризмот, кои на 23.1.2017 година ги прими во аудиенција.

Не се обесхрабрувајте, борете се и понатаму против корупцијата и насилството – ги поттикна и истакна дека крвавите пари на мафијашките злосторства предизвикуваат неправедна моќ.

Треба да се води борба против мафијата, каморe и ‘ндрангета кои искористувајќи ги економските, општествените и политичките недостатоци, наоѓаат плодно тло за да ги остварат своите одвратни планови; и треба да се води борба исто така против тероризмот кој сѐ повеќе е меѓународен и сѐ повеќе разурнувачки. Станува збор секако за тешка и опасна работа – истакна Папата – која е потребна за откупување и ослободување од моќта на криминалните групи, кои се одговорни за насилството и угнетувањето извалкано со човечка крв.

Општеството треба да се излекува од корупцијата, уцените, од недозволената трговија со наркотици и оружје, од трговијата со луѓе, меѓу кои се голем број деца, сведена на ропство. Тие се – според зборовите на Папата – вистински општествени рани, и истовремено општи предизвици со кои меѓународната заедница треба одлучно да се соочи. Ве поттикнувам да вложите максимални напори, посебно во спротивставувањето на трговијата со луѓе и криумчарењето на бегалци. Тие се многу тешки кривични дела кои ги погодуваат најслабите меѓу слабите! – истакна Светиот Отец и рече дека тие кои бегаат од своите земји заради војната, насилството, и прогонството имаат право на соодветно прифаќање и соодветна заштита во земјите кои се сметаат за цивилизирани.

Но, со скапоцената работа во сузбивањето на криминалот – рече папата Фрањо – потребна е опширно воспитно делување, и тоа во семејствата, училиштата, христијанските заедници, и спортските и културните реалности, кои се повикани да ја поддржат свеста за моралност и законитост, насочена кон пристојни, мирни и солидарни животни примери, кои малку по малку го победуваат злото и го рамнат патот за доброто. Станува збор за тоа, да се подигне свеста за да се направат здрави намерите, одлуките и однесувањето на поединци, така што општественото ткиво ќе овозможи надеж за подобар свет – рече Папата.

Треба да се противиме и да ја сузбиваме појата на мафијата, која е израз на културата на смрт. Таа радикално се спротивставува на верата и Евангелието, кои секогаш се за животот – рече Светиот Отец – Мислите на оние кои го наследуваат Христос се посветени на мирот, братството, праведноста, прифаќањето и простувањето.

Папата потоа се осврна на работата вредна за пофалба на голем број парохии и католички здруженија, за од корен да го уништат злото на организираниот криминал и корупцијата, и за близината на црквата до сите оние на кои им е потребна помош за да излезат од спиралата на насилството, и да се обноват во надежта. Откако ја изрази својата близина на присутните членови на Националната управа за борба против мафијата и тероризмот, папата Фрањо ја упати својата молитва до Бог за да им даде сила да одат напред, да не се обесхрабрат во својата работа, во која го ризикуваат сопствениот живот. Заради тоа за неа е потребна уште повеќе ентузијазам, чувство на должност и општествена сила.

На крајот Папата побара од Бог мажите и жените во различни мафии да престанат да прават зло, да се преобратат и да го променат животот. Парите заработени со валкани работи и мафијашки злосторства се крвави и воспоставуваат неправедна моќ. А сите знаеме дека ѓаволот влегува преку џебот; таму е, имено местото на првата корупција – истакна на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.