2017-01-24 09:45:00

Папата до Римската Рота: Потребен е катекуменат за бракот


Потребен е нов катекуменат кој ќе подготвува за брачниот живот, како средство против сѐ поголемиот број ништовни бракови – го истакна тоа папата Фрањо и оваа година, во говорот до Апостолскиот суд на Римската Рота.

Судии, вработени, адвокати и соработници на 21 јануари 2017 година беа примени во традиционалната аудиенција по повод почетокот на судската година. Има два темела кои Папата ги истакна со кои денес би им се помогнало на брачните парови: делотворна формација пред пристапот на светата Тајна, со придружба на Црквата подоцна.

Формација пред и по светата Тајна Женидба. Тоа е главниот пат кој го назначи Папата. Пред менталитетот кој има за цел да ја затемни верата, а кој е раширен и меѓу самите христијани, Папата предложи два „лека“. Прилики во кои недостасуваат верските вредности – рече папата Фрањо – не можат да не ја условуваат и брачна согласност. Разни се верските искуства меѓу оние кои ја бараат таа света Тајна: од оние кои активно учествуваат во животот на парохијата, до оние кои се водени од општо верско чувство и до оние кои се далеку од верата.

„Нов катекуменат“ за оние кои се подготвуваат за брак

Во тој дух, Папата повторно ја истакнува потребата за „нов катекуменат“ во подготовката за брак. Прифаќајќи ја желбата на синодските оци на последната редовна синода – рече – итно е потребно конкретно да се оствари она што е предложено веќе во документот „Familiaris consortio“ (Апостолски поттик на свети Иван Павле II) односно како што за крштавање на возрасните катекуменатот е дел од светотаинската постапка, така и во подготовката за брак треба да стане составен дел на целата процедура за светата Тајна женидба, како противотров кој ќе ги спречува сѐ побројните ништовни или неосновани склопувања на брак.

Освен тоа, Светиот Отец посака подготовката да биде исто така вистинска можност за евангелизација на возрасните и т.н. далечни. Приближувањето на вечавката за голем број млади е можност повторно да се сретнат со верата – која можеби ја ставиле на работ на својот живот – затоа што поминуваат посебен момент во кој се подготвени да го променат правецот на својот живот. Подготовката за брак да биде поделотворна, потребни се – според зборовите на Папата – луѓе со посебни способности, како и соработка помеѓу свештеникот и свршениците, со великодушен придонес на возрасните христијани во семејниот пасторал, за да се изгради ремек – дело на општеството, односно семејството, односно маж и жена кои се сакаат.

Трајна формација за младите брачни парови

Второто упориште за папата Фрањо е трајната формација. Христијанската заедница е повикана да ги следи младите со соодветни средства, започнувајќи од учествувањето на неделната света Литургија, за да негуваат духовен живот во парохијата и во здруженијата. На патот на човечкиот и духовниот раст на младите парови пожелно е да имаат упориште во групите во кои можат да го поминат патот на трајна формација, и тоа – истакна Папата – преку слушањето на Словото, преку разговор на темите кои се однесуваат на животот во семејството, и преку молитвата и братското учество. Младите парови треба да почувствуваат дека и покрај тешкотиите и сиромаштвото со кои мора да се соочуваат во секојдневниот живот, нивната љубовна приказна е дел од „светата историја“, затоа што Бог секогаш ја исполнува обврската која ја преземал на нивниот ден на венчавката.

Црквата треба да биде близу, да не ги остава сами младите семејства

Младите брачни парови често се препуштени сами на себе, можеби од едноставна причина што ретко се појавуваат во парохијата; тоа се случува најмногу кога ќе се родат децата – рече Папата. Но, токму во тие први моменти на семејниот живот треба да се загарантира поголема близина и силна духовна поддршка, па и во воспитувањето на децата, во односот на кој тие се првите сведоци и носители на дарот на верата – истакна Светиот Отец и рече дека паросите затоа се повикани да бидат сѐ повеќе свесни на чувствителноста на задачата која им е доверена на патот на идните сопружници, а тоа е да ја направат разбирлива врската помеѓу „foedus“, односно договорот, и „fides“, односно верата.

На почетокот на говорот Папата спомна за научувањето на своите претходници, свети Иван Павле II и Бенедикт XVI. Свети Иван Павле II ја истакна токму длабоката врска помеѓу верата и бракот; колку човекот се оддалечува од верата, толку помалку е способен да го насочи погледот на важните работи. Бенедикт XVI пак во својот последен говор до Римската Рота, го истакна односот помеѓу љубовта и вистината; без тоа љубовта е изложена на промена на чувствата и не е во состојба да ги издржи искушенијата на времето. Потребна е голема храброст за брак во времето во кое живееме – рече папата Фрањо, барајќи затоа од Црквата да направи да се почувствува нејзината конкретна близина на сите кои појдусе упатуваат на тој важен чекор.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.