2017-01-08 17:54:00

Папата прими лица погодени од земјотрес


Треба најпрво да се обноват срцата, а потоа куќите – рече папата Фрањо примајќи на 5 јануари 2017 година во Ватикан околу 7.000 жители на Централна Италија, кои минатата година беа погодени од силен земјотрес.

Во говорот одржан без однапред подготвен текст Папата говореше за страдањето, за почитувањето, за раните на оние кои ги оплакуваат своите најблиски, настрадани во земјотресот и за оние кои загубиле сѐ освен надежта.

Да се обнови – рече Папата - често наведувајќи ги двете сведоштва изнесени пред неговиот говор. Светиот Отец ги повтори зборовите на Рафаел кој говореше за моментите на земјотресот и парохот на опатијата Свети Евтихиј дон Лучијано кој рече: „Ги загубивме куќите, но станавме едно големо семејство.“

Папата Фрањо говореше за раните на срцата на луѓето со кои се сретнал, кои останале без дом, кои ги загубиле своите најмили: децата, родителите... Овде нема место за оптимизам; има за надежта, но не за оптимизам – рече Папата и објасни дека оптимизмот е перспектива кој во некој момент е потребен, но тој ја нема сржта. Денес е потребна надежта за обнова, а таа се остварува со рацете.

Токму за рацете говореше Светиот Отец потоа; за рацете на Рафаел кој од урантините ги извлече членовите на семејството, за рацете на лекарите, болничарите, пожарникарите и волонтерите. За обнова се потребни срцето и рацете, рацете на сите нас – истакна Папата, а потоа говореше за раните и ги истакна зборовите на дон Лучијано кој рече: „Останавме таму за уште повеќе да не ја раниме својата земја.“

Немојте уште повеќе да го ранувате она што веќе е рането. И немојте да ранувате со празни зборови, со вести кои немаат почит, кои не се нежни пред болката – рече Светиот Отец. Тишината и нежноста на срцето ни помагаат да не повредуваме – рече Папата кој се осврна и на силата на помирувањето и заедничкото дружење, заедничкото тагување во соочувањето со тешките ситуации.

Говорејќи за „раните“, за зборовите кои посебно оставија впечаток од спомнатите две сведоштва, Светиот Отец истакна дека раните ќе се зацелат, но лузните ќе останат цел живот и ќе потсетуваат на тој момент на болка. Спомнувајќи ги повторно зборовите на дон Лучијано кој ја истакна храброста, упорноста, трпението и солидарноста во взаемното давање помош меѓу луѓето, Папата рече дека е горд на паросите кои не го напуштиле тоа подрачје.

На крајот говореше за близината и истакна дека близината нѐ прави похумани, нѐ прави повеќе луѓе на доброто, нѐ прави храбри. Едно е кога одиме сами на патот на животот, а друго е кога одиме држејќи се за рака со друг кога сме во близина на другиот – рече Папата и на крајот истакна дека е потребен нов почеток не губејќи ја способноста за сонување.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.