2017-01-08 18:00:00

Папата: Плачот на мајките е надеж за нивните деца


Во катехезата која ја одржа на 4 јануари 2016 година во салата Павле VI, Папата говореше за плачот на надежта. Тој продолжи со катехезите посветени на христијанската надеж истакнувајќи дека „за да му зборуваме на оној кој очајува за надеж потребно е да станеме учесници во неговиот очај.“

Светиот Отец се задржа на библискиот лик на Рахил за да нагласи дека солзите можат да бидат „семе на надежта“ и посочи „за да ги избришиме солзите од лицето на оној кој страда потребно е со неговиот плач да го обединиме својот плач.“

„Така вели Господ: глас се слуша во Рама, пискот и горко плачење: Рахил плаче за децата свои и не сака да се утеши за нив, оти ги нема“ (Јеремија 31, 15) Јеремија со овие зборови ја претставува жената на својот народ, големата жена на своето племе, во состојба на болка и плачење, но заедно со неочекувана перспектива за животот.

Рахил според извештајот од Книгата Битие умира раѓајќи; ја прифаќа смртта за синот да може да живее. Сега пак од страна на пророкот е претставена во Рама каде се собирале протераните, како жива. Плаче за децата кои во извесна смисла се мртви затоа што се во прогонство; децата кои – како што таа самата вели – повеќе ги нема, исчезнаа засекогаш.

Токму заради тоа Рахил не сака да биде утешена. Тоа нејзино одбивање ја изразува длабочината на нејзината болка и горчината на нејзиното плачење. Пред трагедијата на загубата на децата, мајката не може да прифати зборови или дела на утеха, кои почесто се несоодветни и недоволни за олеснување на болката на раната која не може и нема да биде заборавена. Болката е пропорционална на љубовта. Секоја мајка знае за тоа и многу се кои и денес плачат, кои не се помируваат со загубата на детето, неутешни се пред смртта која е невозможно да ја прифатат.

Рахил во себе ја опфаќа болката на сите мајки во светот, во сите времиња и солзите на секое човечко битие кое плаче над неповратните загуби. Одбивањето на Рахил за утеха нѐ учи на чувствителноста која од нас се бара пред подоброто за другиот. За да му зборуваме на оној кој очајува за надеж потребно е да станеме учесници во неговиот очај. За да ги избришиме солзите од лицето на оној кој страда потребно е со неговиот плач да го обединиме својот плач.

Само така нашите зборови ќе бидат способни да дадат нешто надеж. Ако не можам да искажам такви зборови – рече папата Фрањо – тогаш подобро да останам во тишина, без зборови само помилувај и молчи. Бог со својата љубов одговара на плачот на Рахил со вистинските зборови како што се вели во текстот на пророкот Јеремија (Јеремија 31, 16-17)

Токму заради плачот на мајките постои надеж за децата кои ќе се вратат од прогонство. Ова жена која во моментот на породот ја прифатила смртта за нејзиниот син да живее со својот плач сега станува зачетник на нов живот за прогонетите синови. На болката и горкиот плач на Рахил Господ одговара со ветување кое сега за неа може да биде вистинска утеха: народот ќе може да се врати од прогонство и да живее во верата и слободно, со свој однос кон Бог. Солзите вродиле со надеж.

Ова не е лесно да се разбере, но вистинито е. Толку пати во нашиот живот солзите сеат надеж; и се семе на надеж. Знаеме дека овој текст на Јеремија подоцна го презема евангелистот Матеј и го применува на страдањето на Невините деца. Текстот кој нѐ става пред трагедијата на убиството на незаштитените човечки битија, пред ужасот на моќта која го угнетува и убива животот.

Витлеемските деца умираат заради Исуса. А Тој, невино Јагне, подоцна во своето време ќе умре за сите. Синот Божји влезе во човечката болка – да не го заборавиме тоа – предупреди Папата. Кога понекогаш ќе ми постават тешки прашања како: „Зошто децата страдаат“ јас не знам што да им одговорам само велам: единствено гледајќи ја Божјата љубов која го дава својот Син Кој го принесува својот живот за нас може да ни покаже некаков пат на утеха.

Заради тоа и велиме дека Синот Божји „влезе“ во човечката болка. Со нас ја сподели и прифати смртта и неговиот збор е сигурно збор на утеха, затоа што произлегува од плачот. На крстот Тој, Синот Кој умира, на својата Мајка ќе ѝ дарува нова плодност, доверувајќи ѝ го ученикот Иван и сметајќи ја за Мајка на целокупниот верен народ. Смртта е победена и така се исполнува и пророштвото на Јеремија. И солзите на Марија како и оние на Рахил вродиле со надеж и нов живот – рече на крајот од својата катехеза папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.