2016-12-19 10:13:00

Почина првиот Апостолски нунциј во Македонија монс. Фархат


Во сабота 17 декември 2016 година во Рим по долго боледување почина поранешниот Апостолски нунциј во Република Македонија, надбискупот Едмонд Фархат. Светата Литургија за упокоение за ватиканските дипломати служеше кардинал Анџело Комастри во базиликата Свети Петар во Рим на 19 декември 2016 година.

Едмонд Фархат е роден на 20 мај 1933 година во Аин Кфа во маронитско католичката епархија Џубаил во Либан. Студира теологија, филозофија и Канонско право, а промовира за Кумранските списи. Во 1959 година е ракоположен за свештеник од тогашниот маронитски патријарх на Антиохија. Од 1962 година е на служба во Рим, помеѓу другото и како раководител на Радио Ватикан, арапска програма и во конгрегацијата за наука на верата.

Во 1989 година папата Иван Павле II. го повикува во дипломатската служба на Ватикан и го хиротониса за титуларен епископ на Џубаил (Библос). Потоа е именуван за Апостолски нунциј во Алжир и Тунис. На 26 јули 1995 година е именуван за Апостолски нунциј во Македонија и Словенија. Исто така посредува и за воспоставување на дипломатски односи помеѓу Република Македонија и суверениот Малтешки ред. Дипломатската служба ја продолжува како нунциј во Турција, Туркменистан и Австрија. Во 2009 година папата Бенедикт XVI го прифати неговото повлекување.

По неговото повлекување од дипломатската служба монс. Фархат пишува книги на италијански, француски, германски и арапски. Неговата книга „Ватикански водич“ објавена на арапски јазик во 2015 година стана бестселер.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.