2016-12-12 09:34:00

Папата ги повика семинаристите да промовираат „припадност“


Само ако се чувствуваш дел од Христос, Црквата и Царството ќе можеш добро да „патуваш“ во годините кои ќе ги поминеш во семинарија – рече папата Фрањо на семинаристите на Папската семинарија Пио XI од регионот Пулија кои во Ватикан дојдоа заедно со група локални епископи. Папата во своето обраќање се фокусираше на темата „припадност“ и го разгледуваше „припаѓањето“ од три аспекти.

Прво предупреди на опасноста од нарцисоидност и ги повика семинаристите да бдеат и да внимаваат за да не паднат во тоа големо искушение. Не започнува и не завршува сѐ со мене – продолжи Папата – можам и морам да гледам понатаму од самиот себе, да се разбере убавината и длабочината на таинството што ме опкружува, животот што оди подалеку од мене, верата во Бог која ги поддржува сите страни и секој човек, па и мене.

Светиот Отец на семинаристите им објасни дека „да се припаѓа“ значи и да се знае да се влезе во однос и токму семинаријата е време кога идните свештеници треба да одлучат да бидат луѓе на однос: да бидат во однос со Христос, со браќата преку службата и верата, со сите луѓе со кои се среќаваат во животот – рече Папата и додаде: Како идни свештеници треба уште сега да научите да знаете да бидете со сите, да учите од луѓето со кои се среќавате. Ги потсети дека во темелот на сите наши односи е Христос, а местото каде расте односот со Христос е молитвата, чиј најзрел плод е милосрдната љубов.

Конечно Светиот Отец „припадноста“ ја сфаќа во контекст на неговата спротивност, а тоа е исклучувањето, отфрлањето. На семинаристите им рече дека нивниот повик е да го донесат Христос до сите луѓе со кои ќе се сретнат за да можат тие да се чусвтвуваат дел од заедницата, а да започнат со оние во семинаријата кои се чувствуваат исклучени или маргинализирани. Папата Фрањо на крајот на присутните им рече дека припаѓањето преставува одговорност и ги повика да бидат внимателни на квалитетот на формацијата во семинаријата.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.