2016-12-07 09:47:00

Божјата нежност е нашето спасение


Кој не ја познава Божјата нежност, не ја познава христијанската наука – порача папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 6 декември 2016 година во домот Света Марта која поголемиот дел го посвети на ликот на Јуда Искариотски.

Појдовна точка во неговата проповед беше евангелскиот извештај за загубената овца, по која Господ тргнува во потрага и никогаш не престанува да ја бара. Господ е како судија – објаснува Светиот Отец – но тој судија е полн со нежност: прави сѐ што е можно за да нѐ спаси, го бара секој од нас; тој нe љуби неодредна маса, туку секој од нас по име, нѐ љуби онакви какви што сме.

Папата смета дека овцата не се загубила затоа што не поседувала „компас“ – таа добро го познава патот. Таа се загубила затоа што имала болно срце затоа што била заслепена од внатрешна поделба и бега за да се оддалечи од Господ. За да го објасни ставот Господов кон загубената овца Папата го зема Исусовиот став кон Јуда.

Совршен пример за загубена овца во Евангелието е Јуда – рече папата Фрањо и продолжи: Тој е човек кој секогаш имал нешто горчливо во срцето. Секогаш морал да приговара на другите, секогаш бил одвоен. Тој не ја познавал сладоста на заедничкиот живот со другите. И бидејќи не бил задоволен секогаш бегал. Бегал затоа што бил крадец. Другите бегаат затоа што имаат похотлив живот. Бегаат затоа што во нивните срца владее онаа темнина која го разделува од стадото. Тоа е двојниот живот на многу христијани, а за жал и на некои свештеници и епископи. И Јуда бил епископ и тоа еден од првите, зарем не? Бедникот бил загубена овца!

Загубена овца не е оној кој прави грешка, туку оној кој има болно срце, а ѓаволот тоа го користи. Тоа Јуда не го препознал, туку дозволил да го заведе на погрешен пат. Наместо да ја следи Божјата светлина гледал во светлината на „божиќните украси“ односно во вештачката, лажната светлина, рече Светиот Отец.

Папата потсети на Евангелието според Матеј во кое стои дека Јуд,а бидејќи сфатил што направил се покајува. Но потоа паднал во очај и се обесил. Господ е добар и не престанува да бара дури и такви овци – рече папата Фрањо и се праша што значи тој збор „се покаја“ во овој контекст. Папата смета тоа покажува дека Божјата љубов во неговата душа делувала до самиот крај, сѐ до моментот на очај. Тоа е ставот на Добриот Пастир кон загубените овци. Тоа е радосната божиќна вест која го менува срцето и ни помага да пронаоѓаме утеха во Господ, а не во оние утехи кои ни служат за да побегнеме од реалноста, внатрешното мачење и внатрешната поделба.

Кога Исус ја пронаоѓа загубената овца – рече Светиот Отец – тој не ја навредува макар и да направила многу зло. Исус го нарекувал Јуда пријател до самиот крај. Овде станува збор за Божјата нежност – рече Папата и продолжи: Кој не ја познава Господовата нежност, не ја познава христијанската наука! Кој не дозволува да го допре Божјата нежност е загубен! А ова е радосната вест, ова е искрена радост која денес ја бараме: Господ да дојде во својата моќ која се состои во нежноста, да нѐ пронајде и спаси и нѐ врати во стадото, во Црквата. Нека Господ ни ја даде таа милост Божиќ да го дочекаме со нашите рани и искрено да ги признаеме гревовите, да ја дочекаме моќта на нашиот Бог кој доаѓа да нѐ утеши – истакна на крајот на својата проповед папата Фарњо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.