2016-11-07 13:04:00

Папата: Смртта е влез во полнотата на животот


На 4 ноември 2016 година папата Фрањо служеше света Литургија за душите на кардиналите и епископите кои се починати минатата година. „Тие наши браќа ја постигнале својата цел – рече Папата – откако ѝ служеле на Црквата и го љубеле Христос.“

Тој ги потсети присутните дека „патот кон домот на Отецот започнува од првиот час на нашето постоење и – преку Крштението – од првиот момент кога ја примаме посветителната благодат. (...) За нас свештениците и епископите – продолжи Папата – важен чекор на тоа патување е моментот кога во текот на свештеничкото ракополагање ги изговараме зборовите „Еве ме!“ Од тој момент на посебен начин сме соединети со Христос, поврзани со неговото служителско свештенство“ и додаде:

„Во часот на смртта соединети со Исус кој умира доверувајќи го својот Дух во рацете на Отецот (Лк 23, 46) го изговараме последното „Еве ме!“ Кардиналите и епископите на кои денес си спомнуваме во молитвата, целиот свој живот – посебно откако му се посветиле на Бог – настојувале да ја сведочат и да ја даруваат Исусовата љубов на другите. Тие со зборовите и со примерот ги охрабрувале верниците да го прават истото.“

Папата Фрањо истакна дека тие биле „пастири на Христовото стадо и имитирајќи го се дарувале и се жртвувале за спас на доверениот народ“ и продолжи: „Тие го посветувале преку светите Тајни и го воделе по патот на спасението; полни со силата на Светиот Дух го навестувале Евангелието; со татковска љубов настојувале да ги сакат сите, посебно сиромашните, беспомошните и оние во потреба. Заради тоа сме со мислење дека Господ „ги примил како најсовршена жртва“ (Мудр 3,6). Сега сме овде да се молиме за нив, да принесеме света жртва за покој на нивните души и да го замолиме Господ да светкаат во Неговото царство како искри меѓу гранки (Мудр 3,7).“

Светиот Отец рече дека рацете на тие пастири „во името на Бог на милосрдието и простувањето“, благословувале и разрешувале; „нивните зборови утешувале и ги бришеле солзите; нивното присуство елоквентно сведочело дека Божјата добрина е неисцрпна, а Неговото милосрдие бесконечно. Некои од нив биле повикани на херојски начин да го сведочат Евангелието, трпејќи тешки неволји,“ и продолжи:

Всушност нивната смрт е „влез во полнотата на животот.“ Во светлината на верата „се чувствуваме уште поблиску до нашите починати браќа: смртта очигледно нѐ разделила, но моќта на Христос и Неговиот Дух нѐ обединуваат на подлабок начин“ и својата проповед ја заврши потсетувајќи нѐ дека „нахранети со Лебот на животот и ние – заедно со оние кои заминале пред нас – го чекаме со цврста надеж денот кога лице во лице ќе се сретнеме со светлото и милосрдното лице на Отецот.“

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.