2016-10-10 10:28:00

Екуменска Вечерна молитва во црквата Свети Гргур


Папата Фрањо ги поттикна католиците и англиканците заедно да работат и да промовираат единство на христијаните. Тој повик го упати за време на Вечерната молитва на 5 октомври 2016 година во црквата Свети Гргур на Монте Силија на кој учествуваше и англиканскиот надбискуп од Кантербери Џастин Велби.

Симболично е тоа што молитва се одржа на местото од каде што папата Гргур Велики кон крајот на VI век го испратил свети Августин Кантербериски заедно со четириесет бенедиктинци во Англија за да ги преобратат тамошните народи и да го организира христијанскиот живот. За време на литургијата папата Фрањо на англиканскиот поглавар му предаде копија од епископското жезло на свети Гргур, додека надбискупот Велби на Светиот Отец му подари сребрен крст од клинци како симбол на партнерство во итната задача за помирување.

Пеењето го предводеше катедралниот хор од Кантербери и хорот на Сикстинската капела. Меѓу присутните беа и англикански и католички епископи од целиот свет кои овие денови во Рим се собрани заради прославата на 50 години од екуменскиот дијалог и повторно да се посветат на партнерството во мисијата.

„Да се препознаеме како браќа кои припаѓаат на различни традиции, но кои истото Евангелие ги поттикнува да преземаат иста мисија во светот,“ порача Папата на присутните и додаде: „Секогаш би било добро пред да се започне со било каква активност да се постават следните прашања: Зошто да не го направиме ова заедно со нашите браќа англиканци? Можеме ли да го сведочиме Исус соработувајќи со нашите браќа католици?“ (...)

Ги охрабри да бидат „промотори на смел и реален екуменизам, секогаш во потрага за отворање на нови патишта.“ Тоа секогаш е пред сè – рече Папата – работа на наследување на примерот на нашиот Господ, неговите пасторални методологии, на кои нè потсетува пророкот Језекил: побарајте ги загубените, вратете ги назад залутаните, исцелувајте ги ранетите, лекувајте ги болните. Само така рече Папата „распрснатиот народ ќе биде повторно собран.“ Папата Фрањо исто така предупреди на затворањето во црковна „микро-клима“ и се присети на почетокот на екуменското движење пред повеќе од 100 години: „Мисионерскиот оган тогаш ни помогнал да ги надминеме пречките кои нè изолирале и го правеле заедничкиот пат незамислив. Да молиме заедно за ова: нека Господ даде од овде да започне нов елан за заедништво и мисија“, заврши Папата.

За време на литургијата говореше и англиканскиот поглавар: „Ние сме овците, а нашиот пастир е самиот Бог“, рече и продолжи: „Во таа реченица е целата наша надеж, нашата сигурност дека Црквата ќе ги преживее сите борби и промени затоа што Добриот Пастир наоѓа, се грижи, суди и обновува. (...) Додека се радуваме на тоа дека нашиот Добар Пастир е Оној Кој спасува исто така знаеме дека сме повикани да бидеме Неговите нозе, раце и уста. Уста која повикува, раце кои собираат, нозе кои ги надминуваат пречките, за да ја пронајдеме загубената овца и да ја донесеме дома,“ заврши надбискупот на Кантербери.

Папата Фрањо и надбискупот Велби потпишаа и заедничка декларација во која го истакнуваат копнежот за единство и покрај новите предизвици – кои преставуваат сериозни пречки за целосно единство – не смеат да се откажат од екуменските напори ниту од заедничките молитви. Исто така таа декларација претставува повик на заедничко сведочење на верата во Исус Христос сочувствување на нашиот заеднички дом како и заштита на вредностите и достоинството на човечката личност.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.