2016-09-27 10:55:00

Папата се сретна со жртвите од нападот во Ница


Папата Фрањо на 24 септември 2016 година ги прими членовите на семејствата на жртвите од нападот во Ница. Изразувајќи им го уште еднаш своето сочувство, вети дека и понатаму ќе се моли за нивно оздравување и за душите на нивните најмили.

„Се сретнувам со вас длабоко сочувствувајќи се со вас кои страдате – без разлика дали по тело или по душа“ – рече Папата – „затоа што вие или некој од вашите најмили – без разлика на своето потекло или вера – се жртви на насилство. Сакам да ја поделам со вас вашата болка, болка која е уште поголема кога ќе помислам на децата, па дури и на целото семејство чии животи ненадејно и драматично се уништени. Секој од вас го уверувам за своето сочувство, близина и молитва.

„Драги семејства“, продолжи Папата пред приближно илјада луѓе кои се собраа во салата Павле VI, „го повикувам Отецот наш кој е на небесата, Отецот на сите да ги пречека вашите најмили за наскоро да го пронајдат мирот и радоста на вечниот живот.“

Светиот Отец потоа додаде дека „за нас христијаните темел на надежта е Исус Христос распнат и воскреснат. Апостол Павле во тоа нè уверува: „А ако сме умреле со Христа, веруваме дека со Него и ќе живееме, знаејќи оти Христос, откако воскресна од мртвите, нема веќе да умира: смртта нема веќе власт над Него.“ (Рим 6, 8-9) Нека сигурноста во вечниот живот – која припаѓа и за верниците на другите религии – ви биде утеха преку животот и нека ви биде силен мотив за да можете упорно и храбро да го продолжите својот пат на земјата.

Папата Фрањо уште еднаш вети дека ќе се моли за сите жртви на нападот, а посебно за оние кои заради повредите не можеа да дојдат во Рим, од кои некои сè уште се во болница. „Црквата ви останува блиску и ве придружува со своето големо сочувство,“ порача Папата и додаде дека Црквата е со нив во овие тешки моменти за да им помогне и нивните срца да ги исполни со чувствата на мирот и братството.

Светиот Отец се присети на драмата во Ница и се заблагодари на сите кои со гестови на солидарност помогнаа во тие тешки моменти, а се заблагодари и на сите оние кои први дошле да помогнат и продолжуваат да помагаат на погодените семејства. „Притоа мислам секако на католичката заедница и епископот на Ница Андре Марсо, но и на волонтерските групи посебно на здружението Алпес -Маритимес Фратерните која е таму присутна. Тоа здружение ги собира претставниците од сите вероисповеди, а тоа е многу убав знак на надеж. Мило ми е да видам меѓу нас дека меѓурелигиските односи се прилично живи, а тоа може само да помогне за да се ублажат раните од тие драматични настани.

„Всушнст – продолжи Папата – приоритет е да се воспостави искрен дијалог и братски однос помеѓу сите, посебно помеѓу оние кои исповедаат еден Бог полн со милосрдие; тоа треба да го поттикнуваат, како политичките така и верските водачи, но и секој од нас е повикан да го остварува тоа во својата околина.“

Папата на крајот предупреди на искушението од затворањето во себе како и на опасноста од одговарање на омразата со омраза и на насилството со насилство. Ако таквите искушенија се силни, тогаш е потребно автентично преобраќање на срцата, препорача Светиот Отец. „Таа е пораката која Исусовото Евангелие ја упатува до сите: на ѓаволските напади може да одговорите само со делата Божји, а тие се простување, љубов и почит кон ближниот, дури и ако е поинаков, заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

 








All the contents on this site are copyrighted ©.