2016-09-19 14:21:00

Потребни се луѓе кои го слушаат гласот на сиромашните


Во овој момент на историјата потребни се луѓе кои го слушаат гласот на сиромашните и одговараат милосрдно и великодушно“, порача во говорот папата Фрањо до членовите на Европската конференција и Светскиот сојуз на поранешни ученици на исусовските училишта.

„Медитеранското Море стана гробишта, а покрај тоа луѓето со години се наоѓаат во бегалски кампови! Затоа сте повикани да станете „Исусови другари“ и – со свети Игнатиј Лојолски како водач – испратени сте во светот како жени и мажи за другите и со другите. Во овој момент на историјата потребни се луѓе кои го слушаат гласот на сиромашните и одговараат милосрдно и великодушно“, порача во говорот папата Фрањо до членовите на Европската конференција и Светскиот сојуз на поранешни ученици на Исусовските училишта кои се собраа во Рим за да ги истражуваат корените за присилната миграција и да размислуваат за својата одговорност во бегалската криза.

Денешната бегалска криза, продолжи Папата, е „најголема по Втората светска војна“ и повеќе од 65 милиони луѓе присилно се раселени по целиот свет, меѓутоа „ако се надминат статистиките бегалци се и жени и мажи и момчиња и девојки ниту малку поинакви од нашите семејства и пријатели. Секој од нив има име, лице, приказна како и неотуѓиво право да живее во мир и да копнее за подобра иднина за своите синови и ќерки.

Воедно да се присетиме на примерот на исусовецот о. Педро Арупе основач на Исусовската служба за бегалци на кој е посветена средбата во Рим. Црквата сака да се вдахнувате со храброста и примерот на о. Арупе, порача Папата.

По повик до младите во Краков за храброст, Папата им повтори и на присутните учесници дека „треба да знаат храбро да одговорат на потребите на бегалците во денешно време. Мора да му ја понудите на Господ „целата своја слобода, своето сеќавање, своето разбирање и целата своја волја“ додека настојувате да ги разберете причините за присилната миграција и да им служите на бегалците во вашите земји.“

Црквата со вашата помош целосно ќе реагира на трагедијата на бегалците интегрирајќи ги со дела на милосрдието во европскиот контекст порача Папата и додаде: „Автентичното гостопримство е длабока евангелска вредност која негува љубов и е нашата најголема сигурност од терористички дела.“

Папата истакна дека помалку од 50% од децата бегалци имаат пристап до основно образование додека само 22% адолесценти имаат пристап до средно образование, а дури само 1% бегалци имаат пристап до универзитетско образование. Папата повика заедно со ЈРС да се промени таа ситуација затоа што „правејќи така ќе изградите посилна Европа и посветла иднина за бегалците.“

„Сетете се дека љубовта Божја ве придружува во оваа работа. Вие сте Божји очи, раце и срце во овој свет“ порача папата Фрањо и ги повика собраните да помогнат да ги „преобразат своите места во места за добредојде каде што сите деца Божји имаат можност, не само да преживеваат, туку да растат, да цветат и да донесат плод.“ На крајот пред очите им го стави светото семејство како бегалци на патот кон Египет, а ги потсети на Исусовите зборови: „Оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте;“ (Мт 25, 35)

РВ/к.мк

 








All the contents on this site are copyrighted ©.