2016-08-05 11:40:00

Папата во Асизи: Секој треба да сведочи милосрдие


Доаѓајќи во Асизи на 4 август 2016 година по повод 800-тата годишнина од порцијунколската прошка, Светиот Отец истакна дека основачот на фрањевците не можел да бара поголем или поубав дар од спасението: вечниот живот со Бог и радост без крај кои ги стекна Христос со својата смрт и воскресение.

„Сакам сите да ти ги испратам во рајот“ – му кажал на Господ свети Фрањо Асишки на местото кое на 4 август 2016 година го посети папата Фрањо во црквата Света Марија од Ангелите или Порцијанкула.

Папата рече дека во верата „никогаш не сме сами“, туку нè придружуваат „светците и блажените вклучувајќи ги нашите драги кои верата ја живееле едноставно и радосно и ја сведочеле со своите животи.“ „Постои невидлива врска но не помалку реална која нè прави „едно тело“ со силата на едното крштение кое сме го примиле“ – рече Папата.

Светиот Отец нагласи дека патот на прошката е „врховниот пат по кој треба да се оди“ за да го достигнеме рајот. „Зошто треба да им простуваме на луѓето кои ни направиле зло? Затоа што на нас први ни било простено и тоа бесконечно многу“ – објасни - потсетувајќи на зборовите од Оче наш: „Прости ни ги долговите наши како што им ги проштаваме ние на нашите должници.“

Кога во исповедилницата ќе клекнеме пред свештеникот не правиме ништо друго од она што го направил слугата од евангелската парабола кој имал огромен долг. Молиме: „Господи имај трпение со мене.“ Знаеме дека сме полни со мани и често одново паѓаме во истите гревови. Но Бог не се изморува да ни ја нуди својата прошка секој пат кога ја бараме – објасни Папата.

Нашиот Отец секогаш се смилува кога се каеме и ни испраќа мирни срца. Божјата прошка не познава граница оди понатаму од сите наши замисли и достигнува до секое тло, во интимноста на срцето препознава дека згрешил и сака да му се врати – истакна папата Фрањо.

Проблемот е во нас: кога ние сме должници се повикуваме на милосрдието; меѓутоа кога на нас некој ни е должен се повикуваме на правда. Меѓутоа тоа „не може да биде стил на христијански живот“ затоа што Исус „нè учи да простуваме без граници.“ Потсети и на тешките зборови со кои Христос ја завршува параболата за суровиот должник кој Господарот го фрлил во темница: Така и Отецот небесен ќе направи со секој, ако од срце не му ги прости гревовите на својот брат.“

Светиот Отец нагласи дека „сведочењето на милосрдието во денешниот свет е задача од која никој не може да се извини.“ На крајот ги повика свештениците и епископите – не исклучувајќи се од тоа ниту себе – да отидат во исповедилницата и да бидат на располагање за светата Тајна Помирување.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.