2016-08-03 09:50:00

Младите се вратија од Краков


Во попладневните часови во понеделник, 1 август 2016 година младите од Македонија кои присуствуваа на Светскиот ден на млади во Краков се вратија во Македонија, исполенти и збогатени со прекрасни искуства на верата.

Со песна, уметнички перформанси, играње, радосна атмосфера и развеани знамиња го пречекаа Папата Фрањо во четвртокот на 28 Јули во паркот Јордан во Блонија – Краков  каде што Папата за прв пат им се обрати на младите и им препорача дека треба да бидат јасни во нивниот христијански идентитет, да бидат блиски со Бога и дека тоа може да се постигне само ако бидеме блиски еден со друг, а посебно со нашите најблиски и да не бидат “пензионери” кои удобно седат во својата фотеља, туку да станат, да облечат чевли и да го шират Божјото Слово залагајќи се за подобар свет.

Во слободното време младите имаа можност да посетат и некои од знаменитостите во Полска како што е црквата на Мајка Божја на Голгота каде што Иван Павле II ѝ се посветил на Богородица, светилиштето на Иван Павле II и гробот на Света Фаустина, светилиштето на Црна Мадона во Честохова, светилиштето на Падре Пио, и рудникот на сол Виеличка.

Во петокот на 29 јули Папата Фрањо го предводеше Крсниот пат кој беше пропратен со краток уметнички перформанс, кој ја објаснуваше секоја постојка, што беше пријатно изненадување за младите.

Во саботата на 30 Јули на Кампот на Милордието младите присуствуваа на заедничко бдеење со Папата Фрањо кој им се обрати и им препорача да бидат сонувачи кои веруваат во “ново човештво” во кое нема омраза и поделба и кое одбива да види препреки и граници за градење на подобар свет, бидејќи иднината лежи во младите.

Се што е убаво кратко трае, па така и оваа средба по една ноќ преспиена под ѕвездено небо на Кампот на Милордието младите ја славеа завршната миса заедно со Папата Фрањо кој им ја упати пораката: ''Нека молитвата ви биде chat a библијата GPS’’.

Од 24 до 31 jули 2016 година 83 млади од Македонија предводени од дон Јошт Мезег, дон Томаш Бак и дон Атанас Сирачев присуствуваа на Светскиот ден на млади во Краков на средба со папата Фрањо.

к.мк/д.Ј.М.








All the contents on this site are copyrighted ©.