2016-07-30 17:22:00

Папата на Крстниот Пат: Бидете предводници во служењето


Со прифаќањето на маргинализираниот кој е ранет во телото и со прифаќањето на грешникот кој е ранет во душата се покажува нашата веродостојност како христијанин, а не во идеите – рече папата Фрањо на крајот од Крстниот пат со младите во Краков.

Каде е Бог ако во светот постои зло, ако постојат гладни, жедни, бездомници, бегалци; каде е кога умираат невини заради тероризмот и војната; кога се експлоатираат деца или кога тие страдаат од тешки болести? Постојат прашања на кои нема човечки одговор. А Божјиот одговор е Исус. „Исус е во нас, страда во нас, длабоко се поистоветува со секој од нив“, така соединет со нив „речиси прави „едно тело“ – рече папата Фрањо по молитвата Крстен пат во рамките на Светскиот ден на млади во Краков.

Исус умирајќи на крстот ги носи „на себе и во себе“, „физичките, моралните и духовните рани на целото човештво“ – рече Папата додавајќи: „вечерва Исус – и ние со Него – со посебна љубов ги прегрнуваме нашите сириските браќа кои побегнале од војната. Ги поздравуваме и ги прифаќаме со братски чувства и наклонестост.

Папата истакна дека 14 дела на милосрдието – телесни и духовни – ни помагаат да се отвориме за Божјото милосрдие и да сфатиме дека без милосрдието не можеме ништо. Потсети покрај тоа дека сè што сме направиле за еден од нашите најмали браќа го правиме на Христos. Со прифаќањето на маргинализираниот кој е ранет во телото и со прифаќањето на грешникот кој е ранет во душата се покажува нашата веродостојност како христијанин, а не во идеите – рече Папата.

Потребни се луѓе посебно млади кој не сакаат да живеат делумно, кои се подготвени да го потрошат животот за бесплатно служења на оние во потреба и на најслабите наследувајќи го Христа. „Соочен со злото, страдањето, гревот единствен можен одговор за Исусовиот ученик е дарувањето на самиот себе, вклучувајќи го и животот во наследувањето на Христа; тој е ставот на служењето. Ако некој - кој се нарекува христијанин – не живее за да служи, не му користи да живее. Со својот живот го негира Исус Христос“ – предупреди Папата.

Светиот Отец нагласи дека Господ ги повикува да бидат „протагонисти во служењето“ и дека од нив сака „конкретен одговор“ кон оние во потреба и оние кои страдаат. Патот на крстот – рече – е пат на радост затоа што можеме да го следиме Христос сѐ до крајот; патот кој не се плаши од неуспех, маргинализација или осаменост затоа што срцето го исполнува со Исус. Тој е „пат на животот“ и „Божји стил“; единствено што можеме да победиме е гревот, злото и смртта.

На Велики Петок многу ученици тажни се враќале дома додека други сакале да го заборават крстот. „Како вие сакате да се вратите оваа вечер дома, во вашите престојувалишта?“ – праша на крајот Папата на младите додавајќи: „Светот нè гледа. Секој од вас треба да одговори на предизвикот на тоа прашање.“

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.