2016-07-23 11:19:00

Бискупот Стојанов го посети Радио Марија Македонија


Во четврток 21 јули 2016 година. Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија ги посети просториите на Радио Марија Македонија во Скопје. Во оваа прилика се одржа средба на која присуствуваа претседателката на Здружението Радио Марија Македонија Катица Трајковска Абјаниќ, директорот на радиото монс. Антун Циримотиќ, скопскиот парох дон Давор Топиќ, како и вработените во Радиото м-р Ена Абјаниќ и Силвер Митев.

Претседателката Трајковска Абјаниќ му заблагодари на Бискупот за посетата на Радиото и од името на сите му подари копија од сликата на Милосрдниот Исус, како дар за новата бискупска резиденција.

Бискупот Стојанов истакна дека Радио Марија во Македонија со својата програма претставува големо богатство за црквата, подвлекувајќи ја голема улога што ја има во евангелизацијата односно во пренесувањето на Радосната вест.

Скопскиот парох дон Давор Топиќ нагласи дека радиото како дел од „Светското семејство на Радио Марија“ и самото треба да претставува семејство и да се подготвува и програмски и технички за негово функционирање и како радио со сопствени фреквенции.

Директорот монс. Антун Циримотиќ рече дека добивањето на фреквенции е долг и тежок процес, за кој е потребно да се вложат уште поголеми напори

На средбата беше презентирана и програмата за следните два важни настани во црквата, а тоа се Светскиот ден на младите во Краков и „Деновите на света Мајка Тереза“. Од Светскиот ден на младите, Радио Марија Македонија ќе пренесува дневни известувања од Краков, а на 11 септември Радио Марија Македонија ќе врши директен пренос од свечената света миса на плоштадот „Македонија“ во Скопје, во чест на канонизацијата на Света Мајка Тереза. Се очекува преносот од свечената света миса да го преземат и останатите радија од „Светското Семејство на Радио Марија“. Беа презентирани и  позитивните статистички податоци од Светското семејство за посетеноста на веб страницата и социјалните мрежи, а беа разгледани и останатите предизвици со кои радиото се соочува.

И на крајот како што нагласи дон Давор Топиќ оваа средба беше едно големо охрабрување за радиото, затоа што само со здружување на нашите сили може да биде плодоносна работата на овој медиум.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.