2016-06-19 11:16:00

Папата: На светот му е потребен Христос


Повикани сме да ја усвоиме Петровата исповед на верата радосно признавајќи дека Исус е Син Божји, вечно Слово на Отецот Кој стана човек заради откупување на човештвото – истакна папата Фрањо во наговорот на 19 јуни 2016 година.

По молитвата Ангел Господодов повика на молитва за Сеправославниот собор кој денес започна на Крит.

На светот повеќе од било кога му е потребен Христос

Во денешниот евангелски дел Исус ги прашува своите ученици што мислат луѓето кој е Он? Од мислењето на народот за Него се гледа дека го почитувале Исус и го сметале за голем пророк, но сè уште не биле свесни за неговиот вистински идентитет дека Тој е Месијата Синот Божји – рече Папата.

Петар во име на апостолите исповеда дека Исус е Христос – Помазаник Божји испратен да го спаси народот според ветувањето на Сојузот. Затоа што апостолите, посебно Петар, го имале дарот на верата. Исус започнува отворено да им зборува за она што го чека во Ерусалим: треба да страда, да биде отфрлен, убиен и да воскресне на третиот ден.

На светот повеќе од било кога му е потребен Христос, неговото спасение, неговата милосрдна љубов – нагласи Папата. Многу луѓе чувствуваат празнина во себе и околу себе; други живеат во немир и несигурност. На сите им се потребни одговори. А само во Христос е можно да се пронајде вистинскиот мир и исполнувањето на секој човечки копнеж. Исус го познава човечкото срце подобро од било кого. Затоа може да го оздравее дарувајќи му живот и утеха – рече Светиот Отец.

Загуба заради добивка

Исус освен тоа вели: „Ако сака некој да врви по Мене нека се откаже од самиот себе нека го земе својот крст и нека врви по Мене. Не се работи – објасни Папата – за украсен или идеолошки крст, туку за крстот на животот, крстот на сопствените должности, крстот на жртвата за другите од љубов, крстот на расположливоста за солидарност со сиромашните, залагање за правда и мир.

Кој ќе го загуби животот за Христос ќе го спаси. Таа загуба е заради добивка. Да се сетиме на сите наши браќа кои и денес тие Исусови зборови ги спроеведуваат на дело давајќи го своето време, својата работа, своите напори и на крајот својот живот за да не ја негираат својата вера во Христос – потсети папата Фрањо додавајќи: Исус преку својот Дух Свети ни дава сила да одиме напред на патот на верата и сведоштвото: да го правиме она во што веруваме, а не да зборуваме една работа, а да правиме друга.“

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.