2016-06-11 11:08:00

Трето послание во Година на милосрдието на монс. Стојанов


Црквата возљубен Христос на земјата (св. Тереза Авилска)

Исус се служи со мојот живот (бл. М. Тереза)

Вовед

Воскреснато таинство завршува на Духови. Тоа е своевиден завршеток и почеток. Иако неправилно, во народот се пренесуваат Божествените лица како: Отец – Создател, Син – Откупител, Светиот Дух – Посветител. Божествените лица, знаеме дека не дејствуваат одвоено, еден е Бог во три лица, но добро е да се воочи на што нашата вера во однос на Бога се потпира. Во таа смисла можеме да говориме дека времето во кое живееме е време на Светиот Дух. Заедницата која Светиот Дух ја собира од сите народи, јазици и времиња е Црквата. Црквата е таинство, а исто така и тема на верата и не може и не смее на Црквата да и се пристапи како феномен кој постои, значи, феноменолошки, туку кон Црквата се пристапува вернички. Во таа заедница до крајот на светот не се повторуваат, туку секогаш се случуваат Таинства на спасение на начин како што се случиле во Христовиот живот.

1. Раѓање на Црквата

Божествената објава содржана во Светото писмо на Стариот и Новиот завет во себе е длабоко поврзана. Стариот завет е подготовка, а Новиот е исполнување. Во книгата Битие, при создавањето на човекот, забележуваме дека жената е мајка на живите (Ева), а е создадена од реброто на Адам. Тој чин покажува дека се иста природа и неразделно едно. Кога свeти Павле говори за тоа единство директно спомнува: „а јас мислам на Христос и Црквата“. Така се случува, не е без значење извештајот на Евангелието, на Христос на крстот му е отворена страната од која што протече крв и вода. Од самиот почеток апостолите и црковните отци во тој чин гледаат нов Адам од чие ребро се раѓа нова (Ева), Мајка на живите, односно Црквата. Би можеле да кажеме дека Црквата во тој миг е Христово предание за човештвото зачната, а на Духови родена таа света Мајка на живите – Црквата. Христовото воскресение е темелен настан во кој апостолите препознале, како што вели свети Тома: „мој Господ и Бог“ (Господ мој и Бог мој). Тешко ни е да поверуваме дека Христовото вознесение за апостолите беше радосен настан. Сепак, тоа беше разделба и тоа со ветување дека таков ќе го видат на славното доаѓање на крајот на времето. Исус на тоа ги подготвуваше. Подобро е да отидам, бидејќи ќе ви го испратам Духот што Вас ќе ве поучи во сета Вистина, со други зборови значи да си одам да може мојот Отец да го испрати Духот што ќе го продолжи Исусовото дело, сега веќе на таинствен начин, во настанот на Духови за кој не известува свети Лука во Делата Апостолски, каде гледаме величествен Божји зафат кај апостолите и во својата прва христијанска заедница. Не смее да биде не важно што Лука ги набројува сите покраини и народи познати од пописот на населението што го изврши цар Август во времето на Исусовото раѓање. Црквата е исклучително и само Божјо дело. Тој факт низ историјата безброј пати е потврден, бидејќи Црквата и само делумно да е човечка творба би била преодна како што е сето човечко преодно. Исто така историјата на Црквата го покажува Божјиот „од“ низ времето и постојано таа историја порачува кои се околностите во кои Црквата се раѓа, а кои се искушенијата кога таа во некои простори и времиња исчезнува. Исус ни гарантира дека никогаш нема да помине, дека заедницата на верните го чека Неговото второ доаѓање, но не ни гарантира ни број, ни време, ни место. Оттука, Црквата е заедница на одговорните, да го запаметиме тоа како важен факт дека да се биде Црква тоа е милост, звање, ама и одговорност.

2. Природа на Црквата

Од Евангелието, а пред сè од Исусовата Големо свештеничка молитва гледаме каква Црква сакаше Исус. Кај Евангелистите од многуте параболи за Божјото Царство ја препознаваме Исусовата наука за однесувањето и живеењето на оние кои ќе се одзоват на дарот на милоста и ќе го следат Него во тоа Царство кое е на овој свет.

Браќа и сестри, во Годината на Милосрдието да ги читаме Евангелијата и Делата Апостолски во кои ја наоѓаме Исусовата наука и апостолското време во животот на Црквата. Сепак, најголемиот Учител за природата на Црквата е апостол Павле. Прв доживеа идентификација на Црквата како заедница со Исус Христос како Личност „Савле, Савле, зошто ме прогонуваш!“ Тој, Савле не го прогонуваше Христос, туку Неговите следбеници. Меѓутоа, ја доживеа таа идентификација која го означи неговото апостолско делување. Го обиколи тогашниот познат свет со неискажлива трудољубивост, основајќи црковни заедници од Ерусалим сѐ до Шпанија. Најголемиот негов исказ за Црквата е: дека Црквата е мистично тело Христово. Христос е Глава, а ние сите делови на тоа тело. Како да сака да каже ниту Христос има смисла ниту ние без Него, но јасно е дека Црквата е Воплотение Христово во заедницата на верниците. И сега се исполнува Исусовото слово: без мене не можете ништо да направите. Какава е таа присутност Христова во Црквата според дејствувањето на Светиот Дух. Во посланието до Римјаните споменува: „па сепак, Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување. А Оној Кој ги истражува срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Тој по волјата на Бога посредува за светиите“ (Рим 8, 26-27). Тој Дух кој го оживува мистичното тело Христово, дава дарови – харизми кои се сите во служба на градење на таа заедница. Во посланието до Коринтјаните тврди дека во Христос не може да се верува освен во Светиот Дух: „Постојат разни дарби, но духот е еден и ист; има разни служби, но Господ е еден и ист; и разни дејствија постојат, но Бог е еден и ист, Кој извршува сè во сите. А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза“ (1 Кор 12,3-7). Христијаните во наше време паѓаат во искушение, забораваат дека се од Бога повикани, дарувани со Светиот Дух. Тоа значи дека пасивниот христијанин и не е христијанин, туку дека христијанин е оној кој го ослушува Духот и дејствува според вдахновението. Размислувајќи така доаѓаме до нова порака.

3. Послание на Црквата

Вториот Ватикански собор во темелниот документ за Црквата го искажа тоа послание под поимот: Црквата е тајна Христова. Со сето тоа што за Црквата знаеме од Делата Апостолски, од посланијата на апостолите овој поим обединува и тоа на еден многу јасен начин покажува која е улогата на Црквата во историјата. Веќе во Насловот е споменато дека Црквата е сладок Христос на земјата како рече света Тереза. Поимот тајна е богат и означува дело на спасението во зборовите и знаците кои денес се случуваат. Црквата не само што има свети Тајни, туку таа е Тајна, бидејќи сама по себе е препознатлив знак на Христовата присутност и слово кое се слуша и разбира, а ја навестува Црквата, односно Христос во Црквата. Така делото на спасението и денес се случува секој ден во заедницата која го живее Христос. Сега се поставува едно многу провокативно прашање кое е дури и теолошки поставено до таа мера што загосподарило мислење дека: Христос да, Црквата не. Јасно, дека таквото тврдење не држи. Но, набљудувајќи ја историјата на Црквата многу пати може да се постави прашањето дали тоа што се прави е вистинското Христово лице. Големиот папа свети Иван Павле II во 2000 година низ јавен чин на чистење понизно искажува покајание за сето тоа што низ историјата го сокривало лицето на Црквата. Папа Фрањо кој токму имајќи го во вид посланието на Црквата денес ја отвори Јубилејната година на Божјото Милосрдие. Во не толку дамнешни времиња, а и денес, сме сведоци на неизмерни страданија на човештвото. Бројот на мачениците далеку го надминува било кое време во историјата. Река на невина крв на прогонети, сиромашни ја преплавија земјата. Судирите и војните никако да престанат. Човековите лутања и барања за смисла досегнуваат неизмерна висина. Оправдано се поставува прашањето каде оди човештвото. Не е ли дојдено времето на самоубиство на човештвото? Кога така би заклучиле, би го издале посланието на Црквата, бидејќи Бог за секое време и за секој човек нуди спасение. Тоа спасение почнува од часот кога злото или гревот ќе се нарече со вистинското име. Бог е сведок на нашите гревови, дури на некој начин и присутен, но не затоа да нѐ суди, туку да нѐ спаси. Секое обраќање почнува од тоа сознание, но покајанието е залудно ако нема простување. Покајанието без прошка води во очај. Црквата е заедница на надеж затоа оваа милост во Годината на милосрдието пред Црквата става силен повик човештвото да покаже надеж и да го оправда навестувањето дека Бог е љубов и дека Бог прв простува. Тој ни оди во пресрет, а наше е да му пружиме рака, давајќи опростување на оние кои не навредуваат да добиваме опростување од Него и сила да бидеме Негови деца како што не учи молитвата Оче наш.

До крајот на оваа година да правиме милосрдие и нам ќе ни се прави милосрдие.

Завршуваме со молитвата на блажена Мајка Тереза. Исусе служи се со моите очи, со љубовта да се предадеш на сиромасите. Служи се со моите уши, со љубов да ги слушаш сиромасите, служи се со моите нозе, за да патуваш кон сиромасите..., дај да не барам големи работи, туку да ги правам само оние малите работи, но со голема љубов. Амин.








All the contents on this site are copyrighted ©.