2016-06-06 13:36:00

Папата: Како добри пастири чувајте го своето стадо


Барај, вклучувај се, радувај се, за тие глаголи кои ја изразуваат суштината на свештеничкото послание зборуваше Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 3 јуни 2016 година на плоштадот Свети Петар со која заврши свештеничкиот Јубилеј.

На празникот Пресвето Срце Исусово Папата пред сè ги поттикна свештениците да се запрашаат каде е насочено нивното срце, а потоа истакна дека добриот свештеник не е духовен сметководител, туку Добриот Самарјанец кој не знае што се ракавици, а секогаш го бара човекот во потреба.

На каде е свртено вашето срце? На крајот на свештеничкиот Јубилеј Папата на свештениците им го постави тоа основно прашање. Срцето Исусово, срцето на Добриот Пастир се протега кон нас посебно кон далечните. Во тој правец секогаш е насочена иглата на компасот. Осврнувајќи се на делот од Евангелието кое зборува за изгубената овца, Папата рече дека Добриот Пастир „сака да стигне до сите и не сака да загуби никого.“

Срцето на свештеникот треба да биде свртено кон Бог и кон народот

Исус има две незаменливи добра: Отецот и ние. Срцето на свештеникот исто така треба да биде насочено кон Бог и кон народот. Тоа не е повеќе непостојано за да можат да го заведат привремености или да бара консензуси и краткотрајни задоволства. Напротив неговото срце е постојано во Господ, обземено од Светиот Дух, отворено е на располагање на браќата – истакна Папата додавајќи:

За да го имаме срцето на Добриот Пастир треба да се усовршуваме во следните дејствија: во барањето, вклучувањето и радоста. Свештеникот не го одложува барањето, неговото срце е немирно додека не ја најде загубената овца – рече папата.

Наследувајте го Добриот Пастир не бидете духовни сметководители

Пастирот според Божјото срце не ја чува својата удобност, не му е грижа за неговиот добар глас, не се плаши од критика, подготвен е да ризикува за да го наследува својот Господ. Добриот Пастир има слободно срце да ги остави своите работи – рече Папата и продолжи.

Свештеникот не е со дух на сметководител, туку на добриот Самарјанин кој ги бара оние во потреба. Тој е пастир, а не надзорник на своето послание, не се посветува 50, 60% туку со целото свое битие. Барајќи наоѓа, а наоѓа затоа што ризикува. Ако пастирот не ризикува нема да најде. Не запира по разочарувањето, ниту се откажува заради уморот; упорен е во доброто, помазан е со божествена упорност за никој да не се изгуби. Затоа не само што ја држи отворена вратата, туку и излегува и го бара оној кој не сака да влезе на вратата – рече Папата.

Добриот Пастир не познава ракавици, тој стои со народот

Папата рече дека свештеникот секогаш треба да излегува од себе. Надвор од него е епицентарот на неговото срце: тој не е во себе, туку во Исус. Неговото семејство и живот е неговото стадо. Тој не е лидер од кој се плашат овците, туку пастир кој оди со овците оди и ги повикува по име, од неговото срце не е исклучен никој, од неговите молитви и неговата насмевка – рече Светиот Отец.

Добриот Пастир не знае што се ракавици. Тој е служител на заедништвото кое го слави и живее, не очекува туѓи поздрави, ниту пофалби, туку прв пружа рака, а избегнува озборување, осуда и отрови. Трпеливо ги слуша проблемите и ги следи луѓето на патот, великодушно поделувајќи ја Божјата прошка. Не се лути на оној кој свртел од патот, туку секогаш е подготвен да се решат споровите. Тој е човек кој знае да вклучува во заедницата – рече Папата.

Свештеникот секогаш треба да се радува заради другите и со другите

Зборувајќи пак за радоста Папата дека таа треба да го карактеризира животот на свештеникот. Добриот Пастир не се радува заради себе, неговата радост е заради другите и со другите, вистинска радост на љубовта. Свештеникот преобразува со милосрдието кое бесплатно го дарува. Тој во молитвата ја открива Божјата утеха и вкусува дека ништо не е посилно од Божјата љубов. Затоа има внатрешен мир и среќен е затоа што е канал на милосрдието што може Божјото Срце да го приближи до човекот – истакна додавајќи:

За него жалоста не е природна, туку само минлива; затвореноста му е непозната затоа што е пастир според Божјото благо срце – рече Папата, а потоа ја заврши проповедта заблагодарувајќи им се на свештениците. Ви благодарам за вашето „да“ и на многуте сокриени „да“ кои само Бог ги познава; ви благодарам на вашата желба соединети со Исус да давате живот во тоа е чистиот извор на нашата радост – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.