2016-04-19 10:00:00

Папата: Единствено преку Исус влегуваме во вечниот живот


Нема да го згрешиме патот ако го слушаме Исусовиот глас – истакна Папата во проповедта на светата Литургија на 18 април. Светиот Отец рече дека Исус Добриот Пастир е единствената врата преку која се влегува во животот вечен и предупреди дека треба да се пазиме од волшебници кои водат на погрешен пат

Осврнувајќи се на литургиското Евангелие Папата во проповедта зборуваше за вратата, одењето и гласот. Исус во прв ред предупредува дека „оној кој не влегува низ вратата во овчото трло“ е разбојник, а не пастир. Исус е вратата која води во животот вечен – предупреди Папата.

Исус е темелот на христијанскиот живот

Исус секогаш му зборувал на народот со едноставни зборови: народот пак го познавал пастирскиот живот затоа што секој ден ги гледал пастирите. Знаеле дека пастирите секогаш влегуваат преку вратата, а дека разбојниците ја прескокнуваат оградата или преку прозорецот влегуваат во куќата. Исус јасно вели: во животот вечен може да се влезе само преку врата, а Исус е вратата на нашиот секојдневен и вечен живот. Во овчото трло се влегува само преку вратата, а во животот вечен преку Исус – повтори Папата.

Само Исус го знае правиот пат

Исус говори за одењето. Пастирот ги познава своите овци, а тие го следат. Одењето е токму ова: на животниот пат, секој ден да се следи Исус. Не треба да се скита, Тој оди напред и им го покажува патот. Не греши оној кој го следи Исус. Некој би можел пак да каже дека патот е секогаш јасен... Затоа некои одат кај волшебници... а кој прави така не го следи Христос, туку некој кој му покажува поинаков пат. Исус предупреди дека освен него никој не може да го покаже патот. Тој оди напред. Ќе дојдат други и ќе говорат: Патот на Месијата е овој или оној... Не слушајте ги! Јас сум патот. Исус е вратата и патот. Ако го следиме нема да згрешиме – истакна Папата.

Во блаженствата одекнува Исусовиот глас

Зборувајќи за гласот на добриот Пастир рече дека овците го следат пастирот затоа што го познаваат неговиот глас. А како да се препознае Исусовиот глас и да се одбраниш од оние кои влегуваат преку прозорецот, од разбојници, од волшебници? Одговорот е многу едноставен, Исусовиот глас е во блаженствата. Ако некој научува спротивно од блаженствата тогаш влегол преку прозорецот. Исусовиот глас зборува и преку делата на милосрдието. На пример во глава 25 од Евангелието по Матеј ако некој зборува она што Исус го зборува во таа глава тогаш е Исусов. Гласот Исусов е и кога ја научува молитвата Оче наш – рече Папата додавајќи:

Многу е едноставен христијанскиот живот: Исус е врата. Тој нè води на пат, а во блаженствата го препознаваме неговиот глас, во делата на милосрдието и кога нè учи да зборуваме „Оче.“ Сеќавајте се на овие зборови: врата, одење и глас. Нека Бог ни подари милост да ја сфатиме оваа Исусова слика: пастирот кој води покажува и учи да го слушаме неговиот глас – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.