2016-03-25 16:32:00

Бискупот Стојанов ја предводеше Литургија со посвета на елеј


Во среда 23 март 2016 година, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов во концелебрација со презвитерите на Скопската бискупија, во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје го предводеше свеченото евхаристиско славење со посвета на елеј. На светата Литургија учествуваа и богослови, монахињи и бројни верници лаици.

Бискупот Стојанов, толкувајќи ја смислата на посветата на елеј рече: „Браќа свештеници, драги верници, со оваа вонредна света Литургија влегуваме во најсветите денови на црковната година: светото тридневие. Оваа света Литургија претходи на светото тридневие, а посветена е најнапред на Исус единствениот и вистински вечен Првосвештеник. Првиот дел од навестувањето на Исаија, Исус ќе го примени на себе во синагогата во Назарет, бидејќи Духот на Господ Бог е врз Мене зашто Господ Ме помаза за да им благовествувам на бедните. Со тоа е навестен дарот на свештенството за кој е со Светиот Дух помазан Христос Господ.“

Говорејќи за дарот на свештенството бискупот Стојанов истакна: „Од тој миг на Неговото свештенство, Тој до денес избира слободни луѓе за кои рече: не ме избравте вие, туку јас. Свештенството по природа е придружено на Исусовата личност како единствен и вечен Првосвештеник. Тој по своја сопствена волја го пренесе тоа таинство на своите ученици говорејќи: не ве нарекувам слуги, туку пријатели, зашто ви дадов сѐ што слушнав од Мојот Отец. Така ја дефинираше свештеничката служба на Новиот завет и со право може да се каже дека секој свештеник живее и дејствува in Persona Christi – во Христовата личност.“

Завршувајќи ја својата проповед, бискупот Стојанов рече: „Драги браќа и сестри, почитувани свештеници, длабоко и скромно да влеземе во празнувањето на овие таинства свесни дека тоа не го правиме ние, туку Христос преку нас. А вас, драги верници, ве молам молете се и за нас за нашиот избор и послание да можеме да го вршиме уште поверно, подостојно, откривајќи го ликот на Исус Добриот Пастир.“

По завршувањето на проповедта следеше обредот обнова на свештеничките завети, а потоа благослов на елејот кое ќе се употребува за миропомазание на болните. Потоа, по причесната молитва бискупот Стојанов заедно со свештениците го посвети елејот кое ќе се користи за миропомазание, свештенички и епископски ракополагања и за осветување на нови цркви.

к.мк 








All the contents on this site are copyrighted ©.