2016-03-19 10:19:00

Папата: Неокатекуменскиот пат е Божји дар


Во Ватикан во салата Павле VI претпладне на 18 март Светиот Отец прими во аудиенција околу 10 илјади членови на Неокатекуменскиот пат по повод испраќањето во мисија на 56 мисионерски заедници (missio ad gentes), околу 270 семејства со повеќе од 1500 деца: 14 заминуваат во Азија, 30 во Европа, 4 во Океанија и две во Америка.

По поздравот на Кико Аргуело основач на Неокатекуменскиот пат, Папата ги поздрави присутните посебно оние кои наскоро заминуваат во мисија. Го прифативте повикот да евангелизирате. Затоа го благословувам Бог за овој дар, за дарот на Патот и за дарот на секој од вас. Би сакал да нагласам три зборови кои што Евангелието ви ги наменува како мандат за мисијата: единство, слава и свет – рече Папата, а потоа посединечно се осврна на секој збор.

Единство

Исус го моли својот Отец неговите да бидат совршени во единството (Ив 27, 23): сака да бидат едно (ред 22) како што се Тој и Отецот. Тоа е неговата последна молитва пред маката, многу внимателно: во Црквата да има заедништво. Заедништвото е важно. Непријателот на Бог и човекот, ѓаволот не може ништо против Евангелието, против понизната сила на молитвата и светите Тајни, но искушувајќи ја нашата човечност може на Црквата да и нанесе големо зло. Предизвикува суета, осудување на другите, затворања, поделби. Тој самиот е „делител“ и често започнува со уверувањето дека сме добри можеби подобри од другите: така има подготвено тло за сеење на каколот. Тоа е искушението на сите заедници и може да се вовлече во најубавите црковни харизми – рече Папата додавајќи:

Вие примивте голема харизма за обнова на христијанскиот живот. Преку Крштението се влегува во Црквата. Секоја харизма е Божја милост за раст во заедништвото. Но, харизмата може и да се влоши кога се затвораме и се фалиме, кога сакаме од другите да се разликуваме. Затоа треба да ја чуваме. Чувајте ја својата харизма. Како? Следејќи го главниот пат: понизно и покорно единство. Ако тоа постои тогаш Светиот Дух делува како што делувал во Марија, отворена, понизна, послушна. Секогаш треба да се бдее над харизмата отстранувајќи евентуална човечка сугестија по пат на промовирање единство со сите и послушност на Црквата. Така во Црквата и со Црквата се дише; така се истрајува во послушноста на „светата Мајка Црква хиерархиска“ со дух подготвен за мисија (свети Игнациј Духовни вежби, 353) – рече Папата.

Црквата наша Мајка

Го нагласувам овој аспект: Црквата е наша мајка. Како што децата на лицето имаат втиснато сличност со мајката, така и сите ние сме слични со својата мајка Црква. По Крштението не живееме повеќе како осамени луѓе, туку стануваме мажи и жени на заедништвото повикани сме во светот да бидеме работници за заедништвото. Затоа што Исус не ја основал Црквата за нас, туку од нас ја создал Црквата. Црквата не е нашето оружје: ние сме Црквата. Таа повторно нè раѓа, храни со Лебот на животот, ни дава слово за живот, ни простува и секогаш нè придружува. Тоа е плодноста на Црквата која е мајка: Црквата не е некоја организација која собира приврзаници или група која оди напред следејќи ја логиката на своите идеи, таа е мајка која го пренесува животот примен од Исус – рече Светиот Отец.

Таа плодност, продолжи Папата, се изразува по пат на служба и водство на пастирот. И институцијата е каризма затоа што е вкоренета во истиот извор во Светиот Дух. Тој е жива вода, но водата може да дава живот само ако билката се негува и отсечува. Напојте се на изворот на љубовта, на Духот и грижете се нежно и со почитување на целиот црковен организам посебно за најкршливите делови за сè заедно согласно и плодно да расте – поттикна Папата.

Слава

Пред маката Исус навестува дека ќе биде „прославен“ на крстот: каде што ќе заблеска неговата слава (Ив 17, 5). Тоа е нова слава: световната слава се покажува кога сме важни, кога ни се восхитуваат, кога сме богати и успешни. Божјата слава напротив се објавува на крстот: таа е љубов, на крстот блеска и се шири. Парадоксална е таа слава: без врева, без заработка и без аплаузи. Но, само таква слава Евангелието го прави плодно. И мајката Црква е плодна ако ја имитира милосрдната љубов Божја која се нуди, но никогаш не се наметнува. Таа љубов е понизна, делува како дожд на земјата, како воздухот кој го дишеме, како мало семе во тишина донесува плод. Љубовта единствено со љубов може да се навестува – рече папата Фрањо, а потоа се осврна на посланието во светот.

Свет

„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син“ (Ив 3, 16). Кој љуби не е далеку, туку оди во пресрет. Вие ќе одите во пресрет на многу градови и многу држави. Бог ја мрази световноста, таа не го привлекува, но го сака светот кој го создал, во светот ги сака своите деца такви какви што се, таму каде што живеат исто така и кога се „далеку“. Во далечните земји, во други култури нема да имате лесен живот, нема да ви биде лесно, но тоа е вашето послание. Тоа правете го од љубов кон мајката Црква, од љубов кон единството со ова плодна Мајка, тоа правете го за да биде Црквата мајка и плодна – истакна Папата.

Покажете им го на децата нежниот поглед на Отецот, а реалноста која ќе ја сретнете сметајте ја за дар; спријателете се со културите, говорите и месните обичаи почитувајте ги и признајте го семето на благодатта која Светиот Дух веќе го разнесол. Без попуштање на искушението да пресадувате усвоени модели сеете го први навестувањето: „тоа што е најубаво, најголемо, најпривлечно и воедно најпотребно (Радоста на Евангелието, 35). А радосната вест секогаш треба да биде радосна, инаку верата може да стане ладна и беживотна наука – рече Светиот Отец.

Како семејство треба да евангелизирате, а потоа живеејќи го единството и едноставноста веќе е животно навестување, убаво сведочење за што многу ви благодарам. Ви благодарам во свое и во име на Црквата на овој гест на заминување во непознато и кон трпењето затоа што ќе има трпење, но ќе има и радост на славата Божја, славата која е на крстот. Ве следам и охрабрувам, а ве молам да не заборавите да молите за мене. Останувам овде, но срцето ми е со вас – заврши Папата.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.