2016-03-16 09:30:00

Државниот секретар кардинал Паролин во посета на Македонија


Државниот секретар на Светиот Престол Неговата Еминенција Пиетро кардинал Паролин на 18 и 19 март 2016 година ќе биде гостин на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов и ќе престојува во посета на Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија, а ќе се сретне и со претставниците на државните власти.

Во петок, 18 март во претпладневните часови кардинал Паролин ќе се сретне со претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев и со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Во 13.00 часот е предвиден свечен благослов и инаугурација на новата бискупска резиденција со присуство на верските поглавари, цивилните власти и дипломатскиот кор.

Во попладневните часови кардиналот Паролин во Скопската катедрала Пресвето Срце Исусово ќе се сретне со свештениците, монашките заедници и богословите и ќе предводи Служба на Словото. Во 18.00 чаост во катедралата кардиналот ќе го предводи свеченото Евхаристиско на празникот Свети Јосиф, во заедништво со Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. Киро Стојанов, Апостолскиот нунциј Анселмо Гвидо Пекорари. После литургиското славење е предвидена промоција на книгата на папата Фрањо „Божјото име е милосрдие“, која е преведена на македонски јазик.

Во сабота, 19 март кардинал Паролин ќе ја посети Спомен куќата на Мајка Тереза, ќе го разгледа музејот и во капелата заедно со сестрите Мисионерки на љубовта ќе се помоли пред моштите на блажена Мајка Тереза, која е родена во Скопје и чија канонизација е на 4 септември оваа година. Потоа кардиналот во придружба ќе се упати кон Привремениот транзитен центар за мигранти „Винојуг“ во Гевгелија, ќе ја посети во Гевгелија парохиската црква „Свети Петар и Павле“, а потоа ќе се упати во Струмица. Во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица кардинал Паролин ќе се сретне со верниците од Апостолскиот егзархат во Македонија, каде заедно со нив ќе се помоли. Во попладневните часови е предвидено државниот секретар на Светиот Престол кардинал Паролин да замине од Македонија.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.