2016-03-14 17:31:00

Порака на папата Фрањо за Великиот пост 2016


»Милост сакам, а не жртва« (Матеј 9,13)

Делата на милосрдие на патот на јубилејот

 

Драги браќа и сестри,

1. Марија – слика на Црквата која евангелизира, затоа што е евангелизирана

Во булата со која го најавив Јубилејот упатив повик „постот во оваа Јубилејна Година да се живее поинтензивно како привилегирано време во кое ќе се слави и искуси Божјото милосрдие“. (Misericordiae Vultus. Лице на Милосрдието, 17). Со тој повик на слушање на Божјото слово и на учеството во иницијативата „24 часа за Господ“ сакав да истакнам дека на прво место слушањето на Божјото слово треба да биде побожно, посебно искажано преку пророците. Божјото милосрдие имено е навестување на светот: на тоа навестување е повикан секој христијанин лично да го искуси. Таа е причината поради која во постот ќе испратам Мисионери на Милосрдието за да бидат конкретен знак на Божјата близина и опростување.

Откако ја прифати Радосната Вест, која ѝ ја упати архангелот Гавриил, Марија, во Величанието - Магнификат пророчки го испеја Божјото милосрдие, преку кое Бог однапред ја избра. Така Назаретската девица, свршеницата на Јосиф, станува совршена слика на Црквата која евангелизира, затоа што Светиот Дух, кој нејзиното девствено крило го направи плодно, самата неа ја евангелизира и постојана ја евангелизира. Во пророчката традиција, милосрдието имено е тесно поврзано, веќе на етимолошко ниво, токму со мајчинската утроба (рахамин) исто така и со великодушна, верна и сочувствителна добрина (хесед), која се отсликува во брачните и роднинските односи.

2. Божјиот сојуз со луѓето: историја на милосрдието

Таинството на Божјото милосрдие се открива во текот на историјата преку сојузот помеѓу Бог и неговиот народ Израел. Имено, Бог се покажува богат со милосрдие, подготвен во секоја прилика да ја излие врз својот народ нежноста и сочувството кои извираат од „бедрата“, посебно во најдраматичните моменти, кога народот со своето неверие го прекинува Сојузот, а сојузот бара да биде потврден на постабилен начин со правда и вистина. Се работи за вистинска љубовна драма, во која Бог ја игра улогата на татко и изневерен свршеник, додека Израел ја игра улогата на неверни син/ќерка и свршеница. Токму сликите од семејниот живот – како во случајот со Осија (Осија 1-2) – покажуваат до кој степен сака Бог да се наврзе на својот народ.

Таа љубовна драма својот врв го постигнува во овоплотениот Син. Во него Бог го излева своето неизмерно милосрдие во толкава мера, што станува „овоплотено Милосрдие“ (Misericordiae Vultus. Лице на Милосрдието, 8). Како човек, Исус од Назарет е потполн син на Израелот и тоа до таму што ја овоплотува онаа совршена послушност кон Бог, која се бара од секој припадник на израелскиот народ во Шемà (Shemà), која и денес е срж на Божјиот сојуз со Израелот: Почуј, Израиле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ, сакај Го Господа, твојот Бог, од сè срце, со сета душа твоја и со сите сили твои! (5 Мојсеева 6,4-5). Божјиот Син е Свршеник, кој прави сѐ за да би ја придобил љубовта на својата Свршеница, за која го врзува безусловна љубов, која станува видлива на свадбата со неа во вечноста.

Ова е живото срце на апостолската керигма, во која Божјото милосрдие има централно и основно место. Тоа е „убавината на Божјата спасителна љубов, која се покажува преку Исус Христос, кој умре и воскресна“ (Апостолско писмо Evangelii gaudium. Радост на Евангелието, 36), она прво навестување кое „треба секогаш да се враќа за да го слушаме на разни начини и кое треба секогаш да се враќа за да се навестува за време на катехезите“ (исто, 164) Значи Милосрдието „го искажува начинот на кој Бог постапува со грешникот, нудејќи му нова можност за да го признае својот грев, да се покае за него, да се преобрати и да верува“ (Misericordiae Vultus, 21), и на тој начин повторно да воспостави однос со него. Во Исус распнатиот Бог оди толку далеку што сака да дојде до грешникот без обѕир колку тој се оддалечил од него, токму таму каде што се изгубил и оддалечил од Него. И тоа го прави со надеж дека така ќе може конечно да го разнежни стврднатото срце на својата Свршеница.

3. Дела на милосрдието

Божјото милосрдие го преобразува човечкото срце и му дава да искуси верна љубов и така го оспособува и тој самиот да биде милосрден. Секогаш е ново чудо што Божјото милосрдие може да се шири во животот на секој од нас, поттикнувајќи нѐ на љубов кон ближниот и оживувајќи го она што традицијата на Црквата ги нарекува телесни и духовни дела на милосрдието. Тие нѐ потсетуваат дека нашата вера се изразува во конкретни и секојдневни дела, кои имаат цел да се помогне на нашиот ближен во тело и дух; да се нахрани, да се облече, да се утеши, да се воспитува. Затоа изразив желба „христијанскиот народ, за време на Јубилејот, да размислува за телесните и духовните дела на милосрдието. На тој начин ќе се разбуди нашата свест, која премногу е заспана пред драмата на сиромаштвото. Исто така сѐ повеќе влегуваме во сржта на Евангелието, каде што Бог на сиромашните на посебен начин им ја искажува својата милосрдност“ (исто, 15). Имено во сиромашниот Христовото тело „повторно станува видливо како тело мачено, рането, камшикувано, неисхрането, прогонето... како би ние го препознале, допреле и за него внимателно би се погрижиле“ (исто, 15). Неверојатна и скандалозна е тајната што постојано во историјата продолжува страданието на Невиниот Агнец, таа капина која гори од безусловна љубов пред која како и Мојсеј можеме само да ги собуеме обувките (сп. 2 Мојсеева 3,5); и уште повеќе кога сиромашниот се братот или сестрата во Христа, што страдаат поради својата вера.

Пред таа љубов силна како смрт (Песна над песните 8,6) вистински сиромав се прикажува оној кој одбива да се гледа себеси како таков. Верува дека е богат, но во суштина е најсиромашен од сите сиромаси. Тоа е така затоа што е роб на гревот, кој го тера да го користи богатството и моќта не за да му служи на Бог и другите, туку за да ја задуши во себе длабоката свест дека и тој самиот не е ништо друго, туку само сиромашен просјак. И колку поголема е моќта и богатството со кои располага, толку поголема може да биде таа лажна заслепеност. Тоа оди толку далеку што не сака да го види ниту сиромашниот Лазар, кој проси пред вратата на неговата куќа (сп. Лука 16,20-21), кој е слика на Христос, кој преку сиромашните моли за наше преобраќање. Лазар е можност за преобраќање кое Бог ни го дава, а можеби не ја гледаме. А таа заслепеност оди рака под рака со горделивата илузија за семоќност, во која одекнува она ѓаволското „ќе бидете како богови“ (1 Мојсеева 3,5), кое што е корен на секое зло. Таа илузија исто така може да поприми општествени и политички облици, како што покажаа тоталитаризмите во 20. век и како што тоа го покажуваат идеологиите на едноумие и технонаука, кои стремат кон тоа да го направат Бог неважен, а човекот да го сведат на мноштво кое треба да се инструментализира. Оваа илузија исто така може да се види во структурите на грев поврзан со моделот за лажен развој втемелен врз идолопоклонството на парите, кое побогатите поединци и најбогатите општества ги прави рамнодушни кон судбината на сиромашните, им ги затвораат вратите па дури и не сакаат да ги видат.

Великиот Пост во оваа Јубилејна Година, значи за сите соодветно време конечно да се излезе од својата егзистенцијална отуѓеност, благодарејќи на слушањето на Божјото слово и делата на милосрдие. Доколку преку телесните дела на милосрдие го допираме Христовото тело во браќата и сестрите во потреба за храна, облека, стан, посета, како и духовните дела – советување, поучување, опростување, опоменување, молење – директно допираат до нашата грешност. Затоа телесните и духовните дела никогаш не одат разделени. Имено, допирајќи го телото на распнатиот Исус во бедниот, грешникот може да прими на дар свест дека тој самиот е сиромашен просјак. На тој начин и „горделивиот“, и „моќниот“ и „богатиот“ за кој се зборува во Величанието - Магнификат имаат можност да почувствуваат дека од Распнатиот незаслужено се љубени, кој исто така и за нив умре и воскресна. Единствено во таа љубов е одговорот на онаа жед за безконечната среќа и љубов за која човекот се залажува дека може да ги надомести со идолите на знаење, моќ и поседување. Но секогаш постои опасност, поради сѐ поголемата затвореност кон Христос, кој преку сиромавиот продолжува да чука на вратата од нивните срца, горделиви, богати и моќни, завршуваат осудувајќи се самите себе си за пад во вечната бездна на осаменоста, која е пеколот. Ете зошто повторно одекнува за нив, како и за нас, сериозната опомена на Авраам: »Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!« (Лука 16,29). Таа внимателна послушност на најдобар начин ќе нѐ подготви за прослава на конечната победа над гревот и смртта, на сега веќе Воскреснатиот Свршеник, кој сака да ја очисти својата Свршеница, во исчекување на неговото доаѓање.

Да не го пропуштиме ова време на Великиот Пост за преобраќање! Да молиме за тоа преобраќање преку застапништвото на Дева Марија, која прва, пред величината на Божјото милосрдие, кое ѝ беше бесплатно дарувано, ја препозна својата маленкост (сп. Лука 1,48), признавајќи се понизна слугинка Господова (сп. Лука 1,38)

Од Ватикан, 4 октомври 2015, Празник на свети Фрањо Асишки








All the contents on this site are copyrighted ©.