2016-03-03 11:41:00

Африканските епископи поттикнуваат младите да не губат надеж


Несигурноста, тероризмот, прогонствата врз христијаните, миграциските феномени, корупцијата и лошото управување, манипулацијата на Уставот од страна на политичките лидери за зачувување на власта, недостатокот на верска слобода, тоа се некои од загриженостите изразени од епископите на Западна Африка на крајот на второто пленарно собрание на Регионалната епископска конференција на Западна Африка, која се одржа во Акра, Гана.

Во завршното соопштение од средбата, епископите ја истакнуваат „зголемената несигурност, особено поради терористичките закани, кои засегаат некои земји како Нигерија, Мали, Буркина Фасо, Камерун и Чад“. Но, исто така, „прогонот против христијаните и непочитувањето на верската слобода или наметнувањето од страна на државата на религија за сите граѓани“. Епископите ја изразуваат својата загриженост и за „миграциските бранови кои водат голем број на африкански млади кон нејасни хоризонти, често со ризик за нивните животи“.

Епископите се задржуваат на пастирските предизвици со кои се соочуваат како што се „семејството, погодено од длабоки промени од која било природа, особено хомосексуалните заедници и легализацијата на абортусот; меѓурелигискиот дијалог и воспитувањето на верниците христијани; религиозниот синкретизам и преминувањето на верниците кон нови религиозни групи или движења; трговската експлоатација на религијата; невработеноста на младите и осиромашувањето на населението“.

„Пред овие предизвици - посочуваат епископите – ги повикуваме верниците католици да истраат во верата. Апелираме политичарите да го поттикнуваат доброто владеење и правдата во управувањето на општото добро, а младите да не губат надеж и да веруваат во можноста за реализација на сопствениот живот и благосостојба на африканскиот континент“.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.