2016-02-25 10:13:00

Папата: Христијанството не е религија само на говорење


Христијанството е конкретна религија која се покажува во правењето добро. Таа не е „религија само на говорење“ која води во лицемерие и суета – рече папата Фрањо на светата Литургија на 23 февруари во домот Света Марта.

За време на Великиот пост – додаде – Бог ни порачува да тргнеме по патот на извршувањето.

Христијанскиот живот е конкретен и Бог е конкретен, но постојат многу христијани кои само се преправаат, кои од припадноста на Црквата прават „украс без обврски“ престижен повод наместо искуство од служење на сиромашните – рече Папата. Се осврна на „евангелската дијалектика помеѓу говорот и извршувањето“, разгледувајќи ги Исусовите зборови кои го откриваат лицемерството на книжниците и фарисеите и неговиот повик до учениците и народот да го одржуваат она што го учат, но да не се управуваат според нивните дела.

Господ нè учи на патот на извршувањето. Но, колку пати гледаме луѓе често во Црквата – а тоа се однесува и на нас – кои говорат: „О, јас сум голем католик!“ Но што прават? Колку само родители исповедаат дека се католици меѓутоа имаат ли време да разговарат со своите деца, да си играт со нив и да ги слушат? Можеби своите родители ги чуваат во дом, но секогаш се зафатени и не можат да ги посетат, па ги оставаат таму напуштени. Зборовите дека сме големи католици затоа што припаѓаме на некое здружение – тоа Папата го нарече „религија на говорење“: кажуваме дека сме такви и такви, но постапуваме модерно.

„Да говориш, а да не правиш“ е измама. Зборовите пак на пророкот Исаија ни укажуваат што сака Бог: „Престанете да правите зло, научете се да правите добро, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица.“ Освен тоа – додаде папата Фрањо – тие зборови го покажуваат Божјото бескрајно милосрдие кое на човештвото му зборува: „Дојдете и ќе се пресуди... Гревовите ваши да се како бакам – како снег ќе ги побелам.“

Божјото милосрдие оди во пресрет на оние кои имаат храброст да зборуваат со Бог, но за вистината, за работите кои не чинат за да се поправат. Во тоа – рече Папата – ја гледаме Господовата голема љубов во таа „дијалектика помеѓу говорењето и извршувањето.“ Да се биде христијанин значи да се делува: да се врши Божјата волја. А на последниот ден што ќе нè праша Господ? Дали ќе ни каже: „Што зборувавте за мене?“ Не, ќе нè праша што сме направиле – рече Папата наведувајќи ја главата од Евангелието по Матеј за последниот суд, кога Бог од секого ќе побара сметка за тоа што направил за гладните, жедните, затворениците или странците. Тоа е христијанскиот живот – рече Папата. Само да се говори за работите води до суета, води до преправање дека сме христијани. Така не се станува христијанин.

Нека Господ ни даде мудрост за да сфатиме добро каде лежи разликата помеѓу говорењето и извршувањето и да нè поучи да одиме по патот на извршувањето затоа што спротивен пат би нè водел кон оние учители на законот, клирици на кои им се допаѓало да се облекуваат и да се држат како да се величество. Меѓутоа тоа не е евангелска реалност. Нека Господ нè поучи на исправниот пат – посака на крајот Светиот Отец.

РВ/к.м/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.