2016-02-20 10:43:00

Папата до младите: Вие сте богатството на Мексико


Младите се најголемо богатство на Мексико, кое не треба да биде жртвувано. Тоа го рече папата Фрањо обраќајќи се кон 100.000 млади, собрани на стадионот „Морален и Павон“ во Морелија, Мексико, кои пееја, танцуваа и го развеселија Папата на крајот на неговиот петти ден од апостолската посета на Мексико.

За време на повеќе од еден час музика, импресивна кореографија, молитви и сведоштва, младите го нарекоа папата Фрањо „брат и татко“.

Пред папата Фрањо, видливо среќен од средбата со младите, поминаа знамињата на сите епархии во земјата, танцуваа младите кои со музика и танц, му раскажаа на „својот татко, на својот поголем брат“ за успесите и страдањата во нивните животi.

„Насилството, корупцијата, трговијата со дрога, недостатокот на работа, лошото сексуално воспитување и загубата на човечките односи имаат огромно влијание над нас“, раскажаа тие кои беа на големата бела сцена во центарот на стадионот, но и покрај тоа „нашите стремежи се семејството и мирот“.

„Сакаме да ја победиме рамнодушноста, стравот и конформизмот, сакаме да бидеме „млади кои излегуваат“, како што повикувате вие, а тие да споделуваат. „Но на што можеме да се потпреме за да имаме надеж?, прашаа младите. „Основата на сè е Исус Христос“, им одговори Папата, возбуден и среќен од љубовта кон него:

„Вие сте богатството на Мексико и на Црквата и не се шегувам и не ве фалам... Вие сте богатство кое треба да се претвори во надеж. Но не постои надеж, ако нема самодоверба, ако ве потценуваат, ако ве ставаат на маргините, ако ве принудуваат да се чувствувате втора или четврта категорија - која уништува и убива - или уште полошо, ако ве принудуваат да верувате сте вредни само затоа што сте богати“.

„Разбирам дека е тешко да се чувствувате како богатство за земјата, кога не постојат можности за пристојна работа, кога правата се негираат. Но ви повторувам, ова е затоа што како вас верувам во Исус Христос. Тој го преобразува богатството во надеж, нѐ буди од сонот и нè упатува да кажеме дека единствениот начин да се живее не е со сиромаштијата, со изолацијата, со пазарот на дрога. Исус Христос е оној кој ги отстранува сите обиди да ве направат бескорисни или обични платеници за амбициите на другите“.

Затоа - повика Папата – „Прегрнете го Исус, кога сè изгледа дека е тешко и ви изгледа дека светот се срушува врз вас“, но пред сè - истакна упорно папата Фрањо – „не се испуштајте од Неговата раката и ако паднете, дозволете Му да ве подигне, бидејќи како што вели една планинска песна:

„Во уметноста на искачувањето, триумфот не е во падот, туку во тоа да не останеш на земјата“. Затоа - повтори папа Фрањо – „никогаш не останувајте на земјата и се сеќавам дека само Исус Христос може да ви помогне. И ако падне некој ваш пријател, бидете блиску до него преку „терапијата на слушањето“, вдахнете му сила во името на Христос“.

„Бидете итри, како змии и смирени како гулаби“, тоа е охрабрувањето на Папата до младите, на кои им остави како порака од три клучни зборови: надеж, богатство и достоинство. Папата ги повика и да „градат светилишта“, но не од камен, туку од заедници, парохии и пред сѐ од семејства каде се учи споделувањето, духовното разграничување, вистинската љубов. „Семејствата се првото училиште и камен темелник на една голема нација“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.