2016-02-17 12:33:00

Папата Фрањо молеше Ангел Господов во Екатапек


На крајот на светата Литургија во Екатапек, папа Фрањо се обрати до верниците пред традиционалната пладневна молитва „Ангел Господов“. Потсети на Мојсеевата поука кон Ираелците во време на жетвата и избилството и да не заборават на своите почетоци. Благодарноста се раѓа и расте во народите кои знаат да се сеќаваат. Таа е вкоренета во минатото и низ добри и лоши времиња ја обликува сегашноста – напомена Светиот Отец.

Благодариме – рече Папата – на оваа можност да бидеме заедно, да му ги предадеме на Господ првите плодови на нашите деца, внуци, нашите сонови и планови; првите плодови на нашите култури, јазици и традиции, првите плодови на нашите грижи. Гледаме на децата знаејќи дека тие ќе ги наследат не само земјата и културата, туку и живите плодови на верата.

Светиот Отец го потсети мексиканскиот народ на зборовите на блажен Павле VI: „Христијанинот не може да не ја манифестира солидарноста... да не ја реши ситуацијата на оние кои сé уште не примиле култура или можност за достоинствена работа“. Затоа ги повика христијаните „секогаш да бидат на првата црта на сите напори... да се подобри ситуацијата на оние кои трпат поради недостаток“ и „во секој човек да гледаат брат, а во секој брат да го гледаат Христос“.

Папа Фрањо ги повика мексиканските верници да бидат први во иницијативите кои ќе помогнат нивната татковина да биде земја на можности, од каде што нема да мораат „да се иселуваат за да сонуваат“, каде што нема да има експлоатација и „фрлање на многумина во очај и сиромаштво поради опортунизмот на неколкумина“, каде повеќе нема да се плаче за луѓето кои биле „уништени од раката на пренесувачите на смртта“.

РВ/Б.Р.          








All the contents on this site are copyrighted ©.