2016-01-23 17:38:00

Папата: Нема светец без минато, ниту грешник без иднина


Бог не запира на појавата, туку го гледа срцето – нагласи папата Фрањо на светата Литургија на 19 јануари 2015 година во домот Света Марта, коментирајќи го првото читање кое говори за изборот на младиот Давид за цар на Израел.

Бог не запира на појавувањата, туку го гледа срцето – нагласи папата Фрањо на светата Литургија на 19 јануари во домот Света Марта, коментирајќи го првото читање кое говори за изборот на младиот Давид за цар на Израел. Истакна дека во животот на светците постојат искушенија и гревови, како што тоа го покажува Давидовиот живот, но никогаш – предупреди – не треба да се „користи Бог“ за да се остварат сопствени цели.

Господ го отфрлил Саул затоа што имал затворено срце, затоа што не го послушал – рече Папата – и затоа избира друг цар. Изборот на Давид бил далеку од човечките критериуми затоа што тој бил најмладиот од синовите на Јесеј. Но, Господ дава до знаење дека за Него не е важна појавата, туку Тој го гледа срцето.

Ние често сме робови на појавата, робови на работите кои ни се појавуваат и даваме да нè водат. Меѓутоа Господ ја знае вистината. Во човечките очи Давид не бил важен, но Господ го избира и му заповеда на Самуил да го помаза и „Духот Господов почиваше врз Давида“. Од тој ден Давид цел живот бил човек кој Господ го помазал, негов избраник. Дали со тоа Господ го направил свет? Не – одговри Папата. Царот Давид е светец вистина, но станал свет по долгиот живот кој го одбележале и гревови.

Светецот е и грешник. Човекот кој знаел да го обедини Царството, кој знаел да го води напред израелскиот народ. Но имал искушенија... имал свои гревови: бил и убиец. За да ја прикрие својата похот, својот грев на прељуба заповедал убиство. Зарем светиот цар Давид извршил убиство? Меѓутоа – рече Папата – кога Бог го испратил пророкот Натан да му обрати внимание на тоа – затоа што тој не бил свесен какво злосторство наредил – Давид го препознал својот грев и молел за прошка.

Така неговиот живот одел напред. Го почувствувал на своето тело предавството на сопствениот син, никогаш не го користел Бог за да ги оствари своето цели – рече Папата потсетувајќи дека Давид бегајќи од Ерусалим го испратил назад Ковчегот на заветот затоа што не сакал да го користи Господ во своја одбрана. А кога го навредувале Давид во своето срце кажал: „Го заслужувам тоа.“

Потоа – продолжи папата Фрањо – доаѓа великодушноста: можел да го убие Саул но тоа не го направил. Еве го светиот цар Давид: големиот грешник, но кој се покаја. Папата призна дека бил фасциниран од животот на тој човек, кој ни дава повод да размислуваме и за сопствениот живот. Сите нас Господ нè избрал преку крштението за да бидеме негов народ, за да бидеме свети; Господ нè посвети – нагласи Светиот Отец и заврши: На христијанскиот пат на кој Господ нè повикал нема ниту еден светец без минато, како што нема ниту еден грешник без иднина.

РВ/к.мк/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.