2016-01-19 17:03:00

Верата е дар кој го менува животот, не може да се купи


Каква е мојата вера во Исус Христос? Тоа е централното  прашање во проповедта на Папата на светата Литургија на 15 јануари во домот Света Марта. Поаѓајќи од денешното Евангелие за лекувањето на фатениот кој четворица – заради големото мноштво народ – го спуштиле преку кровот на куќата, Папата нагласи дека за вистинското разбирање на Исус потребно е отворено срце и подготвеност да се следи на патот на простувањето и понижувањето. Верата – рече – никој не може да ја купи. Таа е дар кој го менува животот.

Луѓето кои го спуштиле фатениот преку кровот имале вера, како што имала и жената која ја допрела Исусовата облека за да оздрави, како што ја имал и стотникот чиј слуга Исус го излекувал. Имале силна, храбра вера која чекори напред; имале срце отворено за верата – рече папата Фрањо.

На настанот со фатениот Исус прави чекор напред. Во Назарет – објасни Папата – Тој го започнал своето послание и во синагогата навестил дека е испратен да донесе ослободување на угнетените, затворениците, да го врати видот на слепите... прогласува година на милости – односно година на прошка, приближување на Господ; да го отвори патот кон Бог. Овде прави нов чекор и вели дека не е испратен само да лекува болни, туку и да им ги простува гревовите.

Имало таму и такви кои имале затворено срце, но – во одредена мерка – прифаќале дека Исус би можел да биде исцелител. Но да простува гревови е нешто посилно над тоа. Исус вели: „Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите“ – и тоа е чекор напред. Започнува да зборува на начин кој во одредена мера ќе ги обесхрабри луѓето, па и некои од учениците кои го следеле. Папата потсети на реакцијата на Исусовиот говор за Евхаристијата и јадењето на неговото Тело како пат до спасението: „Овие се тешки зборови“ - кажале.

Сфаќаме дека Бог доаѓа да нè спаси од болестите, но пред сè доаѓа да нè спаси од нашите гревови – нагласи Светиот Отец. Заради тоа е испратен: за да го даде животот за нашето спасение. Тоа е она што е тешко да се разбере – и тоа не само за книжниците, туку и за учениците. Повторно потсети на прашањето кое Исус го поставил по „тешките зборови“ за Евхаристијата: Да не сакате можеби и вие да си заминете?

Каква е мојата вера во Исус Христос? Верувам ли дека Тој е Бог, Син Божји? Го менува ли таа вера мојот живот? Ја прогласува ли во моето срце она година на милостите, простувањето, приближувањето на Господ? Верата е дар. Никој не „заслужува“ вера. Никој не може да ја купи – нагласи Папата и праша: Ме доведува ли мојата вера до Исус Христос во понижувањето? Не само понизноста, туку понижувањето, покајувањето, молитвата која вика: „Прости ми Господ. Ти си Бог, Ти можеш да ги простиш моите гревови.“

Нека Господ ни даде раст во верата – посака Папата. Благодарам, способноста да го фалам Бог е доказ дека верувам Исус Христос е Бог во мојот живот, дека е испратен за да простува. Благодарноста е бесплатна. Таа е чувство кое го дарува Светиот Дух и нè води да признаеме: „Ти си единствениот Бог.“ Нека Господ даде да растеме во таа вера во Исус Христос Кој простува, Кој ни ја пружи годината на милоста и верата која нè поттикнува на благодарност – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.