2016-01-15 18:28:00

Во недела папата Фрањо ќе ја посети римската синагога


Со големо нетрпение се очекува посетата на папата Фрањо во римската синагога, која ќе ја посети во недела 17 јануари. Станува збор за трета посета на еден папа во синагогата на главниот италијански град, после историската посета на светиот Иван Павле II во 1986 и Бенедикт XVI во 2010 година.

Осврнувајќи се за Радио Ватикан главниот рабин на еврејската заедница во Рим, Рикардо Ди Сегни, напомена дека папата Фрањо ќе се сретне со претставниците на сите организации и разни установи кои делуваат на повеќе полиња во рамките на заедницата. Освен тоа ќе се сретне и со еврејски претставници од светот, кој ќе дојдат во Рим токму за таа прилика, како и со бројни рабини, италијански и израелски, како и претседателот на европските рабини.

На новинарското прашање, каква порака ќе бид упатена од таа средба, рабинот Ди Сегни рече дека во секој случај треба да се истакне дека религиските разлики се богатство за општеството; донесуваат мир, напредок и поради тоа во потполност се во спротивност со она што се случува со вознемирувачките знаци кои доаѓаат од другите религии.

Осврнувајќи се пак на неодамна објавениот документ на Комисијата за верски односи со јудаизмот, за теолошките димензии на дијалогот помеѓу евреите и католиците, рабинот напомена дека тој документ е многу важен, бидејќи после 50 години од објавувањето на соборската декларација „Nostra Aetate“ беше потребно да се види како се одвиваат работите. Станува збор за размислување – објасни рабинот – во целосно христијански свет, во кој ние од теолошки аспект не можеме да реагираме, ниту пак да расправаме за тоа.

Она што го земаме во обѕир – додаде рабинот – е дека може за многу прашања и понатаму да се разговара. Но ова е многу важен темел за да можеме да сфатиме до каде сме со дијалогот – рече главниот римски рабин Рикардо Ди Сегни.

 

РВ/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.