2015-12-25 09:37:00

Божиќна честитка на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов


Дојде кај Своите, но Своите не Го примија

(Ив 1,11)

Драги браќа и сестри, празнувањето Божик секоја година ни овозможува да ја искажеме кон своите најблиски, но и кон сите луѓе со добра волја, секогаш старата, но во исто време нова порака која Божик со себе ја носи. Не, тоа не е сеќавање на некој настан кој што поминал, туку тоа е секоја година нов настан. Ние христијаните не славиме, барем не во литургијата, некој си спомен, туку настан. За нас Исус Христос, како вели апостол Павле, е вчера, денес и секогаш. Славејќи го живиот Бог кој стана човек на сите луѓе ја навестуваме Радосна вест на спасението. И оваа година Исус стои на вратите на нашите домови и чека да го примиме. Неговото раѓање во Витлеем беше настан кој секогаш не потресува, бидејќи, како вели Евангелието, за Јосиф и Марија немаше место во Витлеем. Никој не ги прими во својот дом. Божиќната ноќ се случила во пештерата. Но, како вели св. Писмо, се отвори небото и ангелскиот глас ја донесе пораката „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“. (Лк 2,14). На Пастирите им беше кажано дека ќе видат знак: Дете повиено во пелени и положено во јасли. Драматичен факт е тоа: дојде кај Своите, но Своите не Го примија.

Драги браќа и сестри, заглушени од хедонизмот, секуларизмот и исклучиво од економските интереси слични сме на граѓаните во Витлеем. Мојата порака до верниците кои празнуваат Божик, а и до сите луѓе со добра волја, е, да овие денови се отвораат кон милосрдието и да пружат рака на оној кој е сиромашен и гладен, да избришат солза на оној кој е жалостен, да го посетат оној кој е болен и тоа без разлика на вера и нација, зашто Бог не прави разлика меѓу луѓето. За Него вистински сме браќа и сестри. Нашата блажена Мајка Тереза тоа најдобро го покажа дека Бог го љуби човекот работејќи во далечната Индија каде стана Мајка на сиромасите.

Почитувани, ви го честитам Божик со една единствена желба и молба, а тоа е: отворете ја вратата на вашите срца и ќе видите дека св. семејство стои пред вашите врати и моли влез. Примете го и донесете му среќа и радост, а со тоа ќе почувствувате дека е вистина што некој рекол: „Да не бидеш сакан е тешко, а да не сакаш е трагедија“. Ви посакувам Божик со настаните на љубовта, милосрдието и добрината да влезе во вашите срца, во вашите семејства, во вашите домови и ви го донесе Својот непроценлив мир.

Христос се роди!








All the contents on this site are copyrighted ©.