2015-12-22 09:21:00

Витлеемско светло од монс. Стојанов за претседателот Иванов


На 22 декември 2015 година во претседателската резиденција Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов заедно со дваесет млади од католичката катедрална парохија во Скопје на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов му го предадоа „Витлеемското светло“.

На самиот почеток, младите го поздравија претседателот Иванов пеејќи ја македонската божиќна песна „Бим, бам, бум“. Потоа бискупот Стојанов накратко ја претстави историјата на витлеемското светло, која датира од далечната 1986 година. Оттогаш секоја година од Витлеем (местото на Исусовото раѓање) ова светло се носи во многу држави, со порака за мир во светот.

„Ова Витлеемско светло е симбол на Божик и го симболизира доаѓањето на Исус Христос во овој свет, а преку Виена и Загреб дојде кај нас во Скопје. Желбата на овие деца и млади овде присутни во име на целата католичка заедница во Македонија е ова Витлеемско светло на мирот, кое за прв пат доаѓа во Македонија да го предадеме на првиот човек на државата, односно на Вас почитуван Претседателе. Сакаме ова витлеемско светло на мирот преку Вас да ја осветли и благослови нашата страдалничка земја, дарувајќи ни мир, љубов и меѓусебно разбирање и почитување меѓу сите наши граѓани“, истакна бискупот Стојанов, честитајќи го празникот на Христовото раѓање.

Потоа, во име на присутните Борис Цветковски заедно со бискупот Стојанов на претсдателот Иванов му го предадоа фенерот во кој се наоѓа Витлеемското светло.

Претседателот Иванов им се обрати на присутните, изразувајќи радост заради средбата со младите и благодарност за прекрасниот гест на донесеното Витлеемско светло. Истакна дека симболиката на светлината е да го осветлува животниот пат и разумот на секого од нас. Повикувајќи се на Библијата, со зборовите не му го прави на другиот она што не сакаш тебе да ти го прават, ги охрабри младите дека во животот треба да ја гледаат светлината. Претседателот вети дека како и секоја година така и оваа, тој заедно со својата сопруга ќе дојде на Божиќната полноќна Миса во Скопската катедрала.

Благодарни за средбата со Претседателот и за неговите зборови, младите за крај ја испеаа македонската божиќна песна „Над витлеемските полиња“. Потоа во пријатно и распеано заедништво Претседателот на сите присутни им врачи подароци.

к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.