2015-12-18 15:20:00

Идентитет и мисија на богопосветените лица во Црквата


„Идентитет и мисија на богопосветениот брат во Црквата“ е насловот на документот за богопосветениот живот, кој беше претставен во Ватикан заедно со завршните иницијативи за Годината на богопосветениот живот, кои ќе се одржат во Рим од 28 јануари до 2 февруари 2016.

Целта на ватиканскиот документ е да се издвои богатството и потребата на сите чинови во Црквата, посебно на звањето за лаички богопосветен живот на мажите и жените кои сакаат да „се слични со Исус“, нагласувајќи го на посебен начин братството. „Богопосветениот брат, го одразува ликот на Христос, нашиот брат, кој е добар, близок со луѓето, гостоприeмлив, дарежлив и слуга“.

Според кардиналот Жоао Браз де Авис, префект на Конгрегацијата за институтите на богопосветен живот и општествата за апостолски живот“, звањето на богопосветениот брат - една петтина од мажите богопосветени во Католичката црква се браќа или богопосветени лаици, односно не се свештеници - е на прво место меѓу христијанските звања. Тоа е повик на Светиот Дух да се изедначиме со Христос за слава на Отецот и да придонесеме за градење на Царството Божјо. Овој придонес се остварува преку служење според Евангелието во Црквата, која помага за духовното здравје на луѓето и нивниот поголем материјален просперитет“.

Со оглед на афинитетот меѓу женското и машкото звање на богопосветен живот“, документот е насочен и кон богопосветените жени, кога се нагласува дека „звањето на христијанинот е да Го следи Христос. Но личноста на Христос е толку богата што секој христијанин го живее ова звање, нагласувајќи само некои специфични карактеристики: некои од нив се идентификуваат со Христос, посветувајќи се на материјалниот труд за изградба на еден поподнослив свет каде што луѓето можат да живеат во пристојност; други, ја навестуваат Благата вест; а некои пак го избираат свештеничкото служење; но има и такви кои се посветуваат на грижата за болните или се идентификуваат посебно со сиромашниот, чесниот и послушен Христос“.

Документот наведува дека „идентитетот и мисијата на богопосветениот брат се резимира во братството сфатено како дар кој братот го добива од Троединиот Бог, заедништво на личности; дар кој го дели со своите браќа во братскиот живот во заедницата, и дар, кој му обезбедува на светот, изградба на свет на Божји чеда и браќа“.

"Братството не е само плод на личните напори. Не се станува брат според Евангелието само поради желбата да бидеш таков или поради индивидуалните напливи. Братството е првенствено дар Божји и дарот кој богопосветениот брат го добил и станува дар, го дели во братскиот живот на заедницата. Богопосветениот брат живее во заедницата, како брат на Христос, кој се залага пред Отецот за единството на своите ученици. Тој, заедно со своите соработници е отворен за потребите на Црквата и на светот". Затоа - посочува документот – „мисијата на богопосветениот брат е изградба на едно универзално братство засновано на Евангелските вредности. Братството на богопосветените браќа не е самореферентно или затворено во себе; тоа е братство за мисијата и е во совршена хармонија - како што вели папата Фрањо - со Црквата која излегува кон периферијата на овој свет, со Црквата која е повикана да гради мостови, отворена за модерните луѓе од сите раси, култури и вери. Братската љубов се конкретизира во Црквата и во животот на богопосветените браќа преку различноста на нивното служење: воспитување, грижа за болните, помош кон затворениците, прифаќање на бегалците, веронаука, одредена рачна работа и друго. Многу од услугите што ги нудат претставуваат вистинско служење“.

Во документот - појасни на неговата презентација монсињор Хозе Родригез Карбајо, секретар на Конгрегацијата за богопосветени лица – „Црквата е видена главно како тајна на заедништво според примерот на заедништвото на Синот со Отецот во дарот на Светиот Дух.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.