2015-12-17 15:24:00

Преминувањето преку Светата врата е знак на надеж во Господ


На Генералната аудиенција на 16 декември на плоштадот Свети Петар, Светиот Отец потсети дека минатата недела е отворена Светата врата на римската катедрала Свети Иван Латерански. Во катедралите во сите бискупии во светот е отворена вратата на милосдието, во светилиштата и во црквите кои епископите ги одредиле.

Јубулеј е во целиот свет, а не само во Рим. Сакав знакот на Светите врати да го има во секоја Црква, секој човек да може да учествува во Јубилејот на милосрдието. Така Светата година започна во целата Црква, а во секоја бискупија се слави како и во Рим. Рим пак е видлив знак на општото заедништво. Папата посака заедништвото да биде жив знак на љубовта и милосрдието.

И со датумот 8 декември сака да се истакне таа потреба за заедништво, поврзувајќи го почетокот на Јубилејот со свршетокот на Вториот Ватикански собор. Соброт навистина размислувал и ја претставил Црквата во светлината на таинството на заедништвото. Распрсната по целиот свет и организирана во многу месни Цркви, но секогаш е само една Црква на Исус Христос која Тој ја сакал и за Која се претставил Самиот Себе. Црквата е една и живее од Божјото заедништво. Тоа таинство на заедништвото преку кој Црквата е знак на љубовта на Отецот, расте и созрева во нашето срце кога љубовта која ја препознаваме во Христовиот крст и во која се втурнуваме прави да љубиме како што Он нè љуби. Станува збор за бескрајна љубов која го има лицето на прошката и милосрдието – истакна Папата.

Но простувањето и милосрдието не треба да останат убави зборови – продолжи Светиот Отец – туку треба да остварат во секојдневниот живот. Љубовта и прошката се реални и видливи знаци дека верата ги преобразува нашите срца и ни овозможува да живееме Божји живот: да љубиме и простуваме како што Бог љуби и простува. Тоа е програмата на животот и таа не познава прекин, ниту исклучоци, туку нè поттикнува секогаш неуморно да одиме напред, уверени дека нè поддржува татковското присуство на Бог – рече Папата.

Овој голем знак на христијанскиот живот се покажува во многу знаци кои го карактеризираат Јубилејот. Овде мислам на сите кои поминуваат низ Светата врата која во ова Света година е Врата на милосрдието. Вратата го означува самиот Исус Кој вели: „Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе и ќе излезе, и пасиште ќе најде“ (Ив 10,9). Преминувањето преку Светата врата е знак на нашата надеж во Господ Исус Кој не дојде да суди, туку за да нè спаси (Ив 12, 47) – истакна Светиот Отец и во спонтан говор додаде:

Чувајте се да не наидете на некој измамник кој ќе ви каже дека треба да платите. Не, бидејќи спасението не се плаќа, не се купува. Врата е Исус, а Исус е бесплатен. А Врата е Он слушнавме кој зборува за оние кои влегуваат таму каде што не треба да влегуваат; за нив едноставно вели дека се крадци и разбојници. Повторувам чувајте се, спасението е бесплатно – рече Папата.

Преминот преку врата е знак на вистинското преобраќање на нашето срце. Кога влегуваме преку Вратата мораме да се сетиме дека треба да ја држиме отворена вратата на своето срце. Стојам пред Светата врата и молам: „Господи помогни ми да ја отворам вратата на моето срце!“ Светата врата не би била ефективна ако вратата на нашето срце не би дозволила да помине Христос Кој нè испраќа да одиме кон другите, да Го носиме Него и неговата љубов. Па, како што Светата врата останува отворена, бидејќи е знак на Божјата љубов кон нас така нека и нашата врата, вратата на срцето секогаш биде отворена за да не биде никој исклучен, дури ниту оној или она кои ми досадуваат: никој – поттикна папата Фрањо.

Исповедта исто така е важен знак на Јубилејот. Да се пристапи на исповед преку која стануваме помирени со Бог значи директно да се искуси Божјото милосрдие. Во исповедта го наоѓаме Отецот Кој ни простува: Бог простува сè. Тој нè сфаќа во нашите ограничувања, нè сфаќа и во нашите противречности. Тој со својата љубов вели дека ни е уште поблиску кога ќе ги признаеме своите гревови, а нè поттикнува да гледаме напред – рече Светиот Отец додавајќи во спонтан говор дека небото се весели кога ги признаваме своите гревови и бараме прошка. Тоа е милосрдие, да не се обесхрабруваме, само напред!

Колку пати сум слушнал како се зборува: „Оче не успевам да простам...“ На соседот, на колегата на работа, свекрвата, невестата... Сите сме го слушнале тоа: „Не успевам да простам.“ Но, како може да го молиме Бога да ни прости ако ние не сме способни да простиме? А прошката е нешто големо. Не е лесно да се прости, бидејќи нашето срце е слабо и нема сила да прости. Кога се отвораме за да го примиме Божјото милосрдие стекнуваме сила да можеме да простиме – рече Папата додавајќи:

Многу пати сум слушнал како се зборува: „Не можам да го гледам тој човек, го мразам. Еден ден се приближив до Господ и Го молев да ми ги прости гревовите и тогаш и јас му простив на тој човек. Тоа се случува секој ден. А таа можност ја имаме на дофат на рацете – рече Папата завршувајќи ја катехезата со охрабрување: „Затоа храбро!“ Да го живееме Јубилејот започнувајќи со знаците кои ги донесува големата сила на љубовта. Господ ќе нè придружува и води за да ги искусиме другите знаци многу важни за нашиот живот. Храбро и напред – заврши Папата.

РВ/к.мк/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.