2015-12-09 15:56:00

Скопје: Заветен ден на блажена Мајка Тереза


Во сабота, 5 декември 2015, година во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје, родната парохија на блажена Мајка Тереза, со свечена евхаристија прославен е „Заветниот ден на блажена Мајка Тереза - секој петти во месецот“. Светата Литургија ја предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. Киро Стојанов, во концелебрација на скопскиот парох и декан дон Давор Топиќ, деканот на Апостолскиот егзархат во Македонија и парох во Радово о. Зоран Стојанов, парохот во Петралинци о. Ѓорѓи Појразов и уште четири свештеници.

На почетокот на светата Литургија дон Топиќ ги поздрави сите присутни и изрази голема радост заради оваа побожност кон блажена Мајка Тереза која што се одбележува секој петти во месецот. Посака добредојде и на сите поклоненици од парохиите Радово, Петралинци и Сарај, и рече дека оваа света Литургија во живо ја пренесуваат Радио Марија Македонија и Србија.

Пригодна проповед упати о. Зоран Стојанов, кој рече: „Слушајќи го Исус кој ќе рече:„Жетвата е голема, а работници малку; затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва.” Колку уште повеќе ни станува јасно дека молитвата е составен дел од животот на секој христијанин, во подготвеноста да биде спремен да жртвува за својот ближен. Да бидеме од оние кои се повикани, а можеби и од оние кои се пратени од Исус во негово име да одат по светот. Многу е полесно да се потпреме на мислата дека тоа е повик за некој друг, некаде далеку или за оној покрај мене, но не за мене. Но, Исусовите патишта се чудни затоа оној кој ќе се потпре на Неговата помош ќе биде дел од оние кои можат да творат чудеса, за кои евангелистот Матеј вели:„Им даде власт над нечистите духови, да изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква немоќ.“

Својата проповед о. Зоран ја заклучи со следните зборови: „Секојдневната молитва попратенa со добриот пример во семејството и на тогашните Христови апостоли во Македонија, во Скопје на блажена Мајка Тереза и помогнале да го најде својот пат, својот повик и да го реализира своето звање.“

После светата Литургија следеше обожавање на Светото Причастие при што се молеше по заговор на Мајка Тереза за дар на верата и здравје на душата и телото.

После обожовањето, следеше поклонение пред моштите на блажена Мајка Тереза каде верниците има прилика да ги целуваат моштите.

За време на светата Литургија пееше парохискиот бенд Агапе под водство на парохискиот викар дон Јошт Мезег.

РВ/к.мк/Е. М








All the contents on this site are copyrighted ©.