2015-12-01 11:06:00

Струмица: Претставена иницијативата „Срце со љубов“


Во недела 29 ноември 2015 година по завршувањето на светата Литургија младите од парохијата Свети Иван Крстител – Струмица ја претставија пилот иницијативата „Срце со љубов“ за помош на стари, осамени и немоќни лица. Во името на младите од парохијата пред собраните верници иницијативата ја презентираше Елена Ристова, при што рече:

„Ние младите од парохијата Свети Иван Крстител – Струмица одлучивме денес да ви ги преставиме нашите повеќе месечни размислување за тоа како можеме да допринесеме во каритативната работа на парохијата. Согледувајќи ги разните аспекти од современиот живот, анализирајќи ги потребите одлучивме да ја создадеме оваа иницијатива на млади која ја насловивме „Срце со љубов“. Преку оваа иницијатива младите ќе се ангажираат во пасторално каритативната работа на парохијата, посебно во поглед со старите, осамени и немоќни лица и сите кои се во потреба.

Современиот и променет начин на живот резултира со сѐ поголем број стари лица кои живеат сами, а нивните блиски имаат сѐ помалку време за нив поради брзото темпо на живеење, работната мобилност или живот во други градови, па дури и држави.

На овој начин ќе го живеат својот христијански идеал, ќе се стават на располагање на ближниот и ќе служат на нивните потреби.“

Својата помош на старите, осамени и немоќни лица ја поделија во два дела и тоа духовна и секојдневна. Во рамките на духовната помош младите се нудат да молат заедно со нив, а по барање на старите, осамени и немоќни лица да повикаат свештеник за духовен разговор, исповед, причест и елеопомазание на болни.

Секојдневната помош се состои од посета, набавка на намирници, набавка на лекови со лекарски рецепт, придружба во црква, посета на болни во болница и дома, дружење, разговор, читање, прошетка.... За таа цел воспоставија телефонски број наменет за овие лица.

На крајот од презентацијата о. Гоце Костов во контекст на престојната Година на милосрдието рече: И покрај тоа што ова е иницијатива на младите од парохијата, потребно е во неа да вклучи целата парохиска заедница и на тој начин конкретно да се сведочи со дела на милосрдието.

На крајот младите поделија флаери за популаризација на инцијативата „Срце за љубов“.

Идејата за започнување на оваа иницијатива е плод на редовните средби на млади, кои се одржуваат секој вторник во просториите на парохијата Свети Иван Крстител – Струмица.

РВ/к.мк








All the contents on this site are copyrighted ©.