2015-11-20 18:15:00

Ватикан појасни за канонизацијата на блажена Мајка Тереза


Откако италијанската новинска агенција АГИ, повикувајќи се на извори од Ватикан објави дека канонизацијата на блажена Мајка Тереза, основателка на монашката заедница Мисионерки на љубовта и добитничка на Нобеловата награда за мир ќе се одржи на 5 септември 2016 година, Канцеларијата за печат при Светиот Престол појасни дека сепак датумот не е определен.

Отец Чиро Бенедетини, заменик директор на Канцеларијата за печат при Светиот Престол потврди дека процесот е во тек и дека датумот уште не е определен.

АГИ објави дека блажената Мајка Тереза ќе биде канонизирана на годишнината од својата смрт, на денот кога Црквата го одбележува нејзиниот споменден. Ова веќе е втор пат медиумите да известуваат за датумот на канонизацијата и затоа Канцеларијата за печат при Светиот Престол ги демантира. Она што е јасно е дека процесот за канонизација е при крај и дека најверојатно чудесното оздравување по застапништвото на Мајка Тереза е признато, но за да се донесе конечниот датум за канонизација најпрво треба да заврши процесот.

РВ/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.