2015-11-11 18:30:00

Папата Фрањо во Прато: Прифаќање и достојна работа за секого


Папата Фрањо ја започна пасторалната посета на италијанската област Тоскана од Прато, град кој се претвори во симбол на емиграцијата и трудовата експлоатација. Оттука Папата повика на секого да му бидат гарантирани „почитта, прифаќањето и достојна работа“.

 „Не може да се изгради ништо добро врз основа на лаги и недостаток на транспарентност“, рече папата Фрањо, кој потсети на седумте кинески работници, кои ги загубија животите пред две години. „Ова е трагедија на експлоатација и нехумани услови за живот. Тоа не е достојна работа!“, рече Папата. Повод за папската посета на Тоскана е Конгресот на Католичката црква во Италија, кој започна на 9 ноември во Фиренца.

Светиот Отец истакна дека „светоста на секое човечко суштество бара почит, прифаќање и достојна работа за секого; животот на секоја заедница бара од нас да се бориме до крај со туморот на корупцијата и отровот на беззаконието“, истакна Папата за време на говорот пред верниците, кои се собраа пред градската катедрала. Пред средбата со верниците, папата Фрањо се сретна во катедралата со болните и се задржа на кратка молитва во капелата каде се чува „Светиот појас на Богородица“. Поаѓајќи од значењето на овој појас, папата Фрањо го започна своето размислување: „Да си препашан со облека, значи да бидеме подготвени да излеземе и да тргнеме на пат. Кон тоа Господ нè повикува и денес, повеќе од кога било: да не бидеме затворени во рамнодушност, туку отворени; да се чувствуваме сите повикани и подготвени да оставиме нешто за да дојдеме до некого со кој ќе ја споделиме радоста дека сме се сретнале со Господ, но исто така и напорите да одиме по неговиот пат“.

Папата повика да „излеземе и да се приближиме до мажите и жените од нашето време“, без оглед на ризиците, бидејќи „вера, која мисли за себе и е затворена дома не е предана на повикот на Господ, кој ги повикува своите ученици да преземат иницијатива и да се вклучат без страв“.

Папата Фрањо потсети дека Бог дојде да ни служи и стана наш ближен, за да можеме и ние за возврат да им служиме на нашите ближни. За Христовиот ученик ниеден ближен, не може да се претвори во далечен. Не постојат ближни, кои се премногу далеку од нас, туку само ближни, до кои треба да дојдеме“.

Папата Фрањо им се заблагодари на жителите на Прато за постојаните напори за интегрирање на секој човек, спротивставувајќи се на културата на рамнодушноста и отфрлањето. Во времиња одбележани со несигурност и страв, вашите иницијативи за поддршка на најслабите и семејствата се достојни за пофалба“, истакна Папата.

„Не предавајте се пред оние ситуации на соживот кои изгледаат тешки; бидете секогаш инспирирани од желбата да креирате вистински и реални „пактови на близина“ охрабри Папата, и ги повика верниците, цитирајќи го свети Павле, да се облечат во наоружувањето Божјо“.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.