2015-11-11 15:40:00

Ангел Господов: Молитвата и праведноста одат заедно


Исус нè учи дека мерката според која треба да пресудуваме не е количината туку полнината. Можеш да имаш многу пари, а во срцето да бидеш празен без полнина – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на 8 ноември 2015 година.

Светиот Отец истакна дека денешното Евангелие прво ни го опишува каков не треба да биде Христовиот следбеник, а потоа ни нуди идеал.

Првиот дел е посветен на книжниците и учителите на законот и покажува три недостатоци во нивниот начин на живот: горделивоста, алчноста и лицемерието. На нив им се допаѓаат поздравите по плоштадите и првите места и под привидот сокриваат лага и неправда. Ја користат својата власт – како што Исус вели – за да ги проголтат домовите на вдовиците кои со сираците и странците биле нејнезаштитени луѓе. Освен тоа книжниците се молеле за да ги видат. И денес постои опасноста од таквиот став на пример во одвојувањето на молитвата од праведноста, бидејќи како што нагласи Папата – не може да се почитува Бог и да им се прави зло на сиромашните.

Другиот пак дел од Евангелието ја преставува сцената на сиромашната вдовица која во ризницата на храмот оставила две пари. Исус напоменува дека таа дава повеќе од сите богати кои давале и многу повеќе пари затоа што тие давале од својот вишок, додека вдовицата дала сè што имала. Заради своето крајно сиромаштво можела за храмот да даде само една пара, а другата да ја задржи за себе. Но, таа – рече Светиот Отец – не сака делумно да постапува кон Бог и се лишува од сè. Во своето сиромаштво сфатила дека ако го има Бог, тогаш има сè; се чувствува целосно љубена и неа Бог целосно го љуби. Убав пример ни дава таа старица – рече Папата.

Исус нè учи дека мерката според која треба да пресудуваме не е количината, туку полнината – продолжи Светиот Отец велејќи дека може да се има голема количина на пари, а сеедно да се има празно неисполнето срце. Тоа не е прашање до паричникот, туку до срцето. Тие две нешта се разликуваат. Но, постојат болести на срцето поради кои срцето се спушта во паричникот, но тоа не е добро – се пошегува папата Фрањо, објаснувајќи дека да се љуби Бог со целото срце значи да се довериш на неговата провидност и да Му служиш во најсиромашните браќа не очекувајќи ништо за возврат.

Како илустрација ја раскажа анегдотата од својата поранешна бискупија во Аргентина. На масата за ручек седела мајка со три деца. Некој чукнал на вратата и отворило едно од децата. Се вратил и на мајка му објаснил дека еден сиромав бара нешто за јадење. Мајката децата ги прашала: „И што ќе направиме? „Ќе му дадеме да јаде“ – одговориле. „Добро“ – рекла мајката земала нож и го преполовила од нивните парчиња. „Не така мамо дади му од фрижидер“ – се пожалиле децата, но таа им рекла: „Не, вака ќе направиме три сендвичи“. Тоа попладне сигурно биле малку гладни, но научиле дека вистинската љубов не се дава од вишокот, туку од она што е потребно – рече Папата.

Пред потребата на ближниот сме повикани да се лишиме од нешто што ни е потребно, а не само од вишокот; повикани сме да го дадеме времето што ни е потребно, не само она што го имаме доволно; повикани сме да дадеме веднаш не задржувајќи ги своите таленти за потоа да ги искористиме за сопствени цели – рече папата Фрањо.

На крајот Светиот Отец потсети дека во Италија денес се обележува Ден на благодарност на тема „земјата општо добро“. Ја истакна својата близина со земјоделците и произведувачите на храна. Исто така во Рим се одржува епископски ден за зачувување на создаденото со „Одење за земјата“. Од собраните ходочасници, Папата посебно ги поздрави доминиканците кои вчера ја започнаа прославата на 800 годишнина од своето основање. Ви благодарам за сè што правите во Црквата и за Црквата – им рече папата Фрањо.

РВ/к.мк/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.