2015-11-09 19:24:00

Папата Фрањо: Црквата е повикана да служи


Епископите и свештениците треба да го победат искушението  на „двоен живот“, Црквата е повикана да служи, а не да биде „шпекулантка“ – рече Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 6 ноември во капелата на домот Света Марта.

Светиот Отец во проповедта зборуваше за два вида на службеници опишани во литургиските читања. За свети Павле кој целосно се предал на служење; дошол во Рим каде што некои негови го предале, па завршил во темница. Од каде му доѓала таа храброст – праша Папата одговарајќи: Од Исус Христос, а Павле се фалел со служење, Божјиот избор и силата која ја дава Светиот Дух. Служел, „управувал ги поставувал темелите навестувајќи го Исус Христос,“ никогаш не се запирал за да стекне привилегирано место и власт за други да му служат. Бил слуга за да служи, а не да му служат – истакна Светиот Отец додавајќи:

Радосен сум, секогаш сум трогнат кога на ова Литургија ќе дојдат некои свештеници и ќе кажат: „Дојдов да ги поздравам своите, бидејќи веќе четириесет години сум мисионер во Амазонија. Или кога некоја чесна сестра ќе каже: „Веќе триесет години работам во една болница во Африка или пак кога ќе сретнам некоја чесна сестра која триесет, четириесет години работи со инвалидни луѓе во болница, секогаш насмеана. Тоа е служење, тоа е радоста на Црквата; да се оди секогаш напред и да се дарува живот. Павле го правел токму тоа: служел – истакна Папата.

Господ во Евангелието – продолжи Светиот Отец – ни ја претставува сликата на еден друг слуга, кој наместо да служи прави другите да му служат. Слушнавме што тој слуга направил за да остане на своето место. И во Црквата има такви, тие се служат со Црквата наместо да служат, да мислат на другите, да поставуваат темели: тие се шпекуланти, вљубени во парите. Колку сме виделе такви епископи и свештеници? Жално е тоа да се кажува. Радикалноста на Евангелието и повикот на Исус Христос: треба да се служи без престан, да се оди напред заборавајќи на себе. Но, постои опасност од удобниот статус: постигнав статус и без чест живеам удобно како фарисејот за кој зборува Исус дека по плоштадите шетал за да го гледаат другите– кажа Светиот Отец.

Тоа се двете слики продолжи Папата. Двете слики за христијанин, свештеник, чесна сестра. А Исус во свети Павле ни покажува пример: Црква која секогаш оди напред и ни вели дека тоа е патот. Напротив ако Црквата е млитава, затворена во себе, ако е шпекулантка тогаш за неа не може да се каже дека служи, дека е во служба на другите, туку дека со другите се служи. Нека Бог ни даде милост која ја дал на Павле, барем со малку почит секогаш да одиме напред, откажувајќи се од сопствените удобности и нека нè избави од искушението на двојниот живот: ќе глумам слуга, а правам другите да ми служат – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

 








All the contents on this site are copyrighted ©.