2015-10-06 10:38:00

Папата: Епископската синода не е парламент


Епископската синода не е парламент, туку израз на Црквата кој реалноста ја пишува со Божјото срце – истакна Светиот Отец во воведниот говор отворајќи ја работата на Епископската синода за семејството, по утринската света Литургија во базиликата Свети Петар

Папата ги поттикна синодските оци со апостолска храброст, евангелска понизност и искрена молитва да го овозможат делувањето на Светиот Дух.

Треба заедно да се оди со „духот на колегијалноста и синодалноста“, имајќи го секогаш пред очите „доброто на Црквата, семејството и спасението на душата“ – рече Папата на синодските оци, нагласувајќи дека овој пат треба храбро да се освои „слободата во говорот, доктрината и пасторалната ревност, мудроста и искреноста“. Потсети дека Синодата не е некаков состанок, говорница, парламент или сенат каде што се склопуваат компромиси.

Синодата за разлика од тоа е црковно манифестирање односно Црква која заедно оди за со очите на верата и со Божјото срце да ја пишува реалноста. На синодата се преиспитува за верноста на пологот на верата кој не е музеј за разгледување туку жив извор од кој Црквата се напојува за да го напојува и просветлува човечкиот живот – објасни папата Фрањо додавајќи:

Затоа Синодата се случува во крилото на Црквата и во светиот Божји народ на кој му припаѓаме како пастири односно служители. Синодата е привилигиран простор каде Црквата го доживува делувањето на Светиот Дух. Духот на Синодата зборува на јазиците на сите луѓе кои се препуштаат да ги води Оној Кој секогаш изненадува; да ги води Бог Кој на малите го објавува она што го сокрива пред умните и мудрите; кој законот и саботата ги создал заради човекот, а не обратно; кој ги остава 99 овци и оди да ја бара изгубената овца; која секогаш ја надминува нашата логика и пресметка – рече Светиот Отец.

Да се сетиме дека Синодата ќе биде простор за делување на Светиот Дух само ако ние учесниците се облечеме во апостолска храброст, евангелска понизност и искрена молитва: апостолската храброст не попушта на заводливостите на светот кои настојуваат во човечкото срце да го згаснат светлото на вистината заменувајќи го со мали и привремени светла; не попушта пред некои скаменети срца кои и покрај добрите накани луѓето ги одделуваат од Бог – рече Папата додавајќи:

Ни треба апостолска храброст да го носиме животот, а не од нашиот христијански живот да создаваме музеи за спомени. Евангелската понизност нè ослободува од нашите обичаи и предрасуди за да ги слушаме браќата епископи и да се исполниме со Бог; таа понизност не го вперува прстот во другите за да ги осуди, туку да им пружи рака за да ги подигне не чувствувајќи се поголеми од нив – кажа Папата.

Искрената молитва е дело на срцето кое се отвора за Бог, кога целата наша бучава се стишува за во тишината да се слушне убавиот Божји глас. Сите наши зборови ако не го слушаме Бог ќе бидат залудни и празни. Ако не се препуштиме на Духот да нè води; сите наши одлуки ќе бидат само украси кои го заскриваат Евангелието наместо да го величат – рече Светиот Отец.

На крајот на воведниот говор Папата се заблагодари на сите кои ја подготвуваат Синодата посебно поздравувајќи ги новинарите и заблагодарувајќи им се на нивното „ревно делување“ и „прекрасното внимание“. Папата повторно истакна дека Синодата не е парламент каде што се преговара за да се постигне консензус, компромис и спогодба. Апостолската храброст, евангелската понизност и искрената молитва и отвореноста за Светиот Дух е единствената метода на Синодата. Да се препуштиме Нему да нè води, просветлува и пред очите да ни ги стави не нашите лични уверувања – туку верата во Бог, верноста на учителството, доброто на Црквата и спасението на душата – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.