2015-10-02 10:22:00

Папата во ООН: Иднината бара храбри одлуки


„Никогаш досега во својата 70-годишна историја, Обединетите нации немале чест Римски папа да го започне Генералното собрание на организацијата“. Со овие зборови, Генералниот секретар го поздрави папата Фрањо за неговата посета на главното седиште на светската организација во Њујорк.

Папата Фрањо е четвртиот Римски папа кој го посетува седиштето на ООН во Њујорк, откако тоа го направија претходно Павле VI, Иван Павле II и Бенедикт XVI. Ова е доказ, истакна Папата во својот говор дека „Католичката црква придава големото значење на ООН и надежите кои таа ги вложува во нејзината работа“.

Во својот говор Папата потсети на бројните нерешени конфликти во светот и стави акцент пред сè на драматичната ситуација на исклучување и неправда со нејзините јасни последици како што се: односот кон животната средина и економското и социјалното исклучување. На 70 годишнината од основањето на ООН, Светиот Отец повика на правилна примена на Повелбата на Обединетите нации, заштита на семејството и светоста на животот. Нудиме синтеза од обраќањето на Папата пред ООН.

*****

Папата Фрањо заблагодари за подготовките на неговата посета и ја истакна тивката, но ефикасна работа на светската организација за реализацијата на важни дипломатски, културни, економски и политички иницијативи, за да одговори на потребите и очекувањата на човечкото семејство. „Грижете се за иднината на планетата и за состојбата на земјата, која ја оставаме на идните генерации“, повика Папата. „Но, исто така треба да обрнеме внимание на вештината да соработуваме, да работиме за мирот, но и да живееме во мир и правда“.

Признание за 70 годишната работа на ООН

Фрањо изјави дека неговата посета на ООН е продолжение на посетите на неговите претходници Павле VI, Иван Павле II и Бенедикт XVI и од името на Католичката црква изрази признание за напорите на светската организација да даде правни и политички одговори на комплексните ситуации во светот. „70 годишното постоење на ООН е обележана со забрзана работа на законодавството во меѓународното право, создавање на меѓународни норми, усовршување на хуманитарното право и другите права кои го помагаат мирот и помирувањето - истакна папата Фрањо. Сето ова се светла кои се во контраст со сенките на безредието, произлезено од неконтролираните амбиции и колективниот егоизам. Сето ова се чекори на патот на човечкото братство, понекогаш со цената на животот, како во случајот со Даг Хамарколд и други вработени во организацијата“.

Да се поврати значењето на правото и правдата

Искуството во овие 70 години ја покажува важноста од постојано прилагодување кон потребите на времето во потрага по поголема еднаквост меѓу државите, делотворност на институциите, како што е Советот за безбедност и на други финансиски и економски фактори, истакна Папата. Тој исто така, ги истакна и значајните напори за ограничување на злоупотребата на земјите во развој, напорите против механизмите кои предизвикуваат сиромаштија, исклучување и зависност и промовирањето на меѓународните фактори кои го помагаат одржливиот развој. „Неопходно е да се поврати значењето на правото и правдата, промовирање на правото на суверенитет, со знаење дека правдата е неопходен елемент за реализацијата на сеопштото братство“, истакна Папата.

Односот кон животната средина

Истовремено во светот се забележуваат бројни лажни права, кои им помагаат на одредени власти и предизвикуваат уништување на животната средина, како и зголемување на исклучените од општеството, истакна Светиот Отец. Затоа е неопходно храбро да се гарантираат нивните права, зајакнувањето на заштитата на животната средина и да се стави крај на исклучувањето. „Ние сме дел од животната средина и затоа треба да живееме во хармонија со неа. Секој од нас поседува личен идентитет, разум, способноста да размислува, креативност и други автентични квалитети кои ја покажуваат трансценденталното во физичката и биолошката сфера. Ние, христијаните, како и другите верници од монотеистичките религии, сме убедени дека создаденото е дело на Божјата љубов и дека човекот во материјалниот свет претпоставува директно дејство на Бог, што е посебен повик кон животот и односот кон ближниот“.

Поддршка за семејството

Во својот говор пред Генералното собрание на ООН папата Фрањо инсистираше владите да се вклучат во поддршката на семејството, како основна клетка за развојот на општеството, гарантирајќи ги материјалните услови како што се домот, работата, земјиштето, како и слободата на духот, верската слобода, пристапот до образованието и другите човекови права. Сето ова во името на почитувањето на правото на живот. „Еколошката криза и уништувањето на биоразличноста го загрозуваат човековото постоење. Ова бара почитување на моралниот закон впишан во човечката природа, вклучувајќи го разграничувањето меѓу мажот и жената и апсолутен респект кон човечкиот живот во сите негови фази на развој.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.