2015-09-16 12:50:00

Света Литургија за почеток на учебната година


Неделната света Литургија, на 13 септември 2015 година, во парохиската црква „Свети Пророк Илија“ во Радово се служеше за почеток на учебната 2015/16 година. Литургијата ја предводеше о. д-р Зоран И.Стојанов, во сослужение на о. Трајче Ташев и о. Илија Стојанов, ѓаконуваше Ванчо Назов. Црквата беше полна од верниците со родителите и блиските на учениците и студентите од парохијата, како и просветните работици кои работат во Радово или се членови на парохијата.

Во својата проповед о.Зоран, нагласи: „Бог го сакаше човекот и пред Исусовото раѓање. Бог и денес го сака секој човек. Го сака и оној кој не го познава и не го признава Исуса, бидејќи Бог е над сите човечки поделби и над сите видови припадност. Бог надминува сѐ: расно, класно, национално, социјално... Бог ги сака и оние кои денес за жал се присилени да го напуштат својот роден крај, Бог ги сака и оние кои на истите ќе им помогнат...

Денес сме сведоци дека љубовта кон децата нé собра во храмот Божји и нé прави среќни. Сите сме деца Божји, Бог по љубовта кон нас сака да бидеме среќни. Поздравувајќи ве сите сакам да ги повикам нашите деца - ученици и студенти со радост да влезат во предизвикот кој го носи новата учебна година и со сето свое битие да им се посветат на достигнувањата кои оваа година ќе ги примат со наставната програма. Вас драги родители, вероучители и учители од срце ве поканувам да бидете со нив во следењето на програмата и изучувањето но и во воспитното растење на нашите деца. Сѐ што правете правете го со љубов!

Вие пак деца возвратете на таа љубов и од ова место ве повикувам: сакајте, почитувајте и слушајте ги вашите родители и учители...“

На крајот на светата Литургија преку своја програма која ја изведоа децата и младите заедно беше испратена порака до светот, која гласи: - Децата и младите од Радово порачуваат: Сите деца имат право да се школуваат! Сакаме мир во: Украина! – во Сирија! – во Либија! – во Авганистан!

Children and young people from Radovo recommend: All children have the right to be educated! We want peace in: Ukraine ! – in Syria! – in Lybia! – in Afghanistan!...)

к.мк/Н.С.








All the contents on this site are copyrighted ©.