2015-09-16 15:17:00

Папата даде интервју за аргентинското Радио Милениум


Во разговорот меѓу Светиот Отец и Марсело Фигаро, евангелски новинар за Радио Милениум во Буенос Аирес, беа истакнати темите на пријателството, среќавањето, дијалогот и грижата за создаденото.

Папата на почетокот се обрати со следниве зборови: „Ти евангелик, а јас католик, работиме заедно за Исус“. Истакнувајќи дека пријателот не е само обичен познаник, некој со кого само се зборува, туку пријателството е нешто подлабоко, Папата предупреди на утилитаристичкото сфаќање на пријателството. Пријателство значи да се следи ближниот во неговиот живот, а „вистинските пријателства се раѓаат спонтано“, истакна Папата.

Според мислењето на Светиот Отец, ознака за доброто пријателство е кога при средбата со лицата кои можеби подолго не сме ги виделе, ќе почувствуваме како да сме се виделе вчера. Тоа е една многу човечка карактеристика на пријателството, истакна Светиот Отец. Ставот на Бог кон својот народ, пред сѐ е исполнет со татковски афекти, но и со пријателство.

Потоа Папата се осврна и на потребата од средби, дијалог и пријателство меѓу различните вери и притоа повтори дека заедно со културата на пријателство потребно е да изградиме и култура на среќавање, култура на братство, а не на осудување, бидејќи Бог е еден единствен судија. Папата потоа се осврна на фундаментализмот кој сака да уништува, бидејќи тој е верен на некоја идеј,а а не на стварноста. Тоа е ѕид и со тоа нема среќавање, истакна Папата.

Одговарајќи на прашањето дали се чувствува како пример и за другите верски водачи, папата Фрањо кажа дека не се работи само за давање на пример, туку за идентитет. „Се чувствувам свештеник, тоа ми доаѓа спонтано. Во спротивно би бил црковен службеник“, рече Папата. На забелешката дека тој стана светска фигура на мирот и среќавање, Папата рече: „Јас знам дека сум грешник и затоа разговарам со Исус и му велам: ’Колку е добар народот кон мене’. Но тоа што е добро во мене му го должам нему. Тоа е Божји дар“.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.